ИКТ секторот во Македонија со 1,77 милијарди евра приходи и 676 милиони евра извоз

19

Македонскиот ИКТ сектор продолжува да биде еден од најсилните двигатели на економскиот раст во државата, достигнувајќи вкупни приходи од 1,77 милијарди евра во 2025 година и извоз од 676 милиони евра, покажуваат податоците презентирани на првиот македонско-грчки „Digital Bridge & Business ICT Forum“, организиран од МАСИТ и грчката асоцијација SETPE.

Анализата на состојбите во македонската ИКТ индустрија беше презентирана од Дамјан Манчевски, член на Управниот одбор на МАСИТ, кој ги претстави најновите показатели за растот на секторот, неговото влијание врз економијата и трендовите што го очекуваат во наредниот период.

Според анализата на МАСИТ, секторот во 2025 година бележи раст од 7,02 проценти на приходите и 7,13 проценти на извозот во однос на претходната година. Во индустријата работат 24.134 вработени во вкупно 3.367 активни компании.

Особено значаен е долгорочниот тренд на раст. Во периодот од 2020 до 2025 година, приходите на ИКТ секторот се зголемиле за 80 %, од 985 милиони евра на 1,77 милијарди евра, додека извозот пораснал за дури 193%, од 231 милион евра на 676 милиони евра. Во истиот период бројот на вработени е зголемен за 44 %, а бројот на компании за 42 проценти.

Овие бројки потврдуваат дека ИКТ секторот одамна не е само една од перспективните индустрии во земјата, туку еден од клучните носители на економскиот развој, извозот и висококвалификуваните работни места. Растот што го гледаме во изминатите години е резултат на континуирани инвестиции во луѓе, знаење и иновации, но и доказ дека македонските компании успешно се натпреваруваат на меѓународните пазари“, изјави претседателот на МАСИТ, Јордан Димитриевски.

Анализата покажува дека ИКТ секторот учествува со околу 4,5 % во бруто-домашниот производ на државата и расте речиси двојно побрзо од вкупната економија. Додека вкупниот економски раст изнесува 3,8 %, секторот бележи раст од 7,4 %.

Податоците беа презентирани пред претставници на македонски и грчки компании, институции и организации за време на првиот билатерален ИКТ форум, на кој беа реализирани над 190 деловни средби и беа претставени повеќе од 20 компании од двете земји.

ПОВРЗАНИ НАПИСИ:

Македонската ИКТ индустрија руши рекорди – 676 милиони евра извоз во 2025