ИНТЕРВЈУ


ИВАН ШУКЛЕВ, комерцијален директор на “Витториа Фруит”



ч

Во време кога често се слуша дека младите луѓе го напуштаат земјоделството и заминуваат да работат во странство, Иван Шуклев е позитивен пример за спротивното. Тој е млад човек едуциран во странство, кој одлучил да се врати во Македонија и да гради бизнис во агросекторот, применувајќи знаење и технологија по примерот на успешните европски земји.
Иван Шуклев е комерцијален директор во компанијата „Витториа Фруит“, која располага со едни од најголемите лозови насади за трпезно грозје на Балканот. Станува збор за семејна компанија основана во 2007 година од неговиот татко, адвокат по професија, кој верувал дека земјоделството има иднина.
По завршувањето на едукацијата во Словенија, наместо да остане да работи во банка, Иван се враќа во Македонија и во 2015 година се приклучува во градењето на успешен агробизнис, со јасна визија како да се развива и да се натпреварува на европските пазари

„Визијата на „Витториа Фруит“ е во блиска иднина да бидеме меѓу топ 5 најголемите производители на трпезно грозје во Европа. Денес трпезното грозје на „Витториа Фруит“ се извезува во Австрија, Чешка, Унгарија, Полска и Холандија. Нашето грозје се продава во многу европски супермаркети, како што се Billa, Rewe, Lidl, Aldi, Hofer… Она што особено радува е што интерес за нашето грозје постои и од попребирливи и поконкурентни пазари, како што се Велика Британија и Скандинавија, кои се надевам дека ќе ги отвориме како извозни пазари во 2026 година,“ вели Иван Шуклев во интервјуто за „ИзвозМК“.

-„Витториа Фруит“ е една од македонските компании за овошје и зеленчук што се претставија на еден од најзначајните саеми за свежо овошје и зеленчук – Fruit Logistica, кој секоја година се одржува во Берлин. Може ли да споделите како помина настапот на овој саем и кои се некои од трендовите во индустријата?

Шуклев: Можам да кажам дека настапот на Fruit Logistica беше многу успешен. Саемот Fruit Logistica е вториот најголем саем за овошје и зеленчук во светот, а најголем и најважен во Европа. Учеството на овој саем е од клучно значење за секој производител на овошје или зеленчук. Македонските производители, обединети преку здружението „Макфреш“, се претставија на посебен национален штанд со поддршка од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и од Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ.

На овој саем настапуваме веќе петта година по ред како Здружение за производители и извозници на свежо овошје и зеленчук од Македонија – „Макфреш“, и ги презентираме производите на членките на здружението кои се учесници на саемот. Имаше голем број посетители на македонскиот национален штанд, беа одржани многу бизнис-состаноци и беше идентификуван голем интерес од европските купувачи за македонското свежо овошје и зеленчук.


Бидејќи веќе имате неколкугодишно искуство од настап како здружение „Макфреш“, кои се предностите од тоа на големите саеми да се настапува обединето?

Шуклев: Предноста е многу голема. Треба да бидеме свесни дека во европски рамки македонските компании од оваа индустрија се релативно мали. Еве, да зборувам за нашата компанија „Витториа Фруит“. Наши конкуренти се компании од Шпанија, Грција и Италија, кои се значително поголеми од нас. Концептот на „Макфреш“ е како здружение заеднички да претставиме поширок асортиман на свежо овошје и зеленчук, бидејќи тоа е многу попримамливо за секој купувач и на тој начин полесно може да се задоволат нивните потреби.

Компанијата „Витториа Фруит“ може да се издвои како успешен пример за тоа како треба да се развива една компанија во агробизнисот. Преку примена на современи агротехнички мерки, дигитализација, следење на трендовите, настап на саеми и обезбедување врвен квалитет, може рамноправно и успешно да се натпреварува на светските пазари. Која е визијата со која ја управувате и развивате „Витториа Фруит“?

Шуклев: Сметам дека најважната работа за успех, не само за „Витториа Фруит“, туку и за секој производител на свежо овошје и зеленчук, е прогресивното размислување – односно да се биде во чекор со другите европски производители од индустријата. Ние, како производители на свежо грозје, се трудиме секогаш да бидеме во чекор со технологијата и дигитализацијата што ја применуваат нашите европски конкуренти.

На пример, во последно време сè почесто се зборува за рационално користење на водата во производствените процеси. До пред неколку години, кога нашата компанија немаше пристап до метеоролошка станица, се базиравме на проценките на нашите агрономи за тоа кога треба да се наводнува. Но, во Европа тоа веќе не функционира така – мора да се има емпиричен доказ зошто и кога треба да се наводнува. Со поддршка од Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ и Фондот за иновации и технолошки развој (сега ИНОВА), имплементиравме ултрамодерна метеоролошка станица со сонди за влага во почвата и модели кои алармираат кога се создаваат предуслови за појава на одредени болести на виновата лоза и кога треба да се прска за заштита. Со помош на метеоролошката станица, од 2021 година досега го намаливме користењето на пестициди за 40%. Пред имплементацијата на станицата се базиравме исклучиво на искуството и проценките на агрономите.

Секоја компанија што сака да соработува или да биде добавувач на големите европски супермаркети и купувачи мора да покаже дека е социјално одговорна, дека одговорно се однесува кон животната средина и рационално ги користи ресурсите. Ова е насоката во која ќе мора да се движи и македонското земјоделство.

Благодарение на овие барања за одржливост и социјална одговорност, „Витториа Фруит“ во 2022 година постави соларни панели. Така, во текот на летната сезона за ладилниците ја користиме електричната енергија што сами ја произведуваме. Тој потег го направивме за да ги намалиме трошоците за енергија и воедно да одговориме на барањата на европските купувачи. Исто така, внимаваме на одржливо управување со отпадот. Освен рециклирањето на пластичните фолии, водиме сметка и при кроењето на лозовите насади – имаме посебна машина што ги меле гранките, а тој отпад се враќа во почвата како органско ѓубриво. Се трудиме сè што е органско да се врати во почвата, бидејќи на тој начин се збогатува почвата, а овој одржлив пристап многу повеќе се цени и вреднува од европските купувачи.
Акцентот на големите европски купувачи и супермаркети сè повеќе се става на одржливо и паметно земјоделство, дигитализација, зачувување на биодиверзитетот и циркуларната економија. Овој тренд ќе биде уште посилен, бидејќи гледаме дека и европските фондови и субвенции сè повеќе се насочени кон поттикнување на овие концепти. Европскиот пазар е многу конкурентен и за да се успее мора да се има прогресивен пристап и да се биде во чекор со стандардите и барањата.


Kомпаниите од оваа индустрија можеби полесно би се убедиле да бидат прогресивни и да воведуваат нови технологии и иновации доколку ги знаат конкретните придобивки. На пример, „Витториа Фруит“ е прва компанија во Македонија која ги покри лозовите насади со пластични фолии. Кои се придобивките што „Витториа Фруит“ ги имаше од оваа иновација?

Шуклев: Да, „Витториа Фруит“ е прва и сè уште единствена компанија во Македонија што ги има покриено лозовите насади со пластични фолии. Во 2021 година започнавме самостојно да инвестираме во покривање на лозовите насади, а во 2022 година добивме поддршка и од Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ. Денес, од вкупно 140 хектари, имаме 11 хектари лозови насади покриени со пластична фолија.

Придобивките се повеќекратни. Прво, се добива производ со униформиран квалитет и големина. Понатаму, благодарение на фолијата можеме да имаме порано берба, бидејќи грозјето под фолија созрева седум до десет дена порано од останатото грозје. Секој производител знае колку е важно да има порано берба и порано да понуди производ на пазарот. Дополнително, квалитетот на грозјето под фолија е значително подобар, бидејќи не е директно изложено на временските прилики, туку созрева во контролирана средина.
Сакам да го споменам и аспектот на одржливост. Фолиите имаат животен век од три до пет години. По завршување на рокот, компанијата од Грција од која ги набавуваме доаѓа, ги собира и ги рециклира, а ние при наредна нарачка добиваме пониска цена.

Со оглед на климатските промени и временските услови, ваквите инвестиции се веќе неопходни. Временските услови не се исти како пред 15 години – ако порано имавме четири годишни времиња, денес практично имаме само лето и зима. Македонските сорти на грозје, како и многу сорти зеленчук и овошје, се стари сорти кои потешко успеваат во жешките периоди ако не се покриени.

Значи, придобивките од овие подобрувања постојат, но проблемот е што многу земјоделци, доколку немаат поддршка како онаа што ние ја добивме од Програмата ИМЕ, не можат самостојно да ја финансираат инвестицијата. На пример, во соседна Грција државата покрива 90% од трошоците за поставување вакви фолии со неповратни средства. Така, македонска компанија поставување пластични фолии би ја чинело десет илјади евра по хектар, додека конкурентска компанија од Грција истото би ја чинело само 1.000 евра. Тоа директно ја зголемува конкурентноста на грчкото грозје на странските пазари.

Еден од предизвиците во актуелниот модел на субвенционирање на земјоделското производство во Македонија е тоа што средствата не се секогаш доволно насочени кон конкретна намена. Државната поддршка е значајна и добредојдена, но можеби дополнително прецизирање на начинот и намената на користење на субвенциите би придонело за поефикасно искористување на средствата. Со појасни насоки и обврски околу нивната употреба би се создале подобри услови за одржлив развој и напредок на земјоделството.

-Ги следите трендовите во производството на овошје и зеленчук. Статистиката покажува намалување на производството и извозот, особено во делот на овошјето. Каква е иднината на македонското земјоделство? Како да се спречи падот на производството, каде ги гледате потенцијалите?

Шуклев: Она што радува е зголемениот интерес на европските купувачи за македонско овошје и зеленчук. Трпезното грозје е еден од тие производи. На последниот саем Fruit Logistica во Берлин имаше навистина голем интерес за македонската зелка. Тоа покажува дека квалитетот на македонското овошје и зеленчук е препознаен. Многу од компаниите членки на „Макфреш“ успеваат своите производи да ги пласираат на европските и скандинавските пазари. За да имаме поголем успех, треба да се следат искуствата на успешните земји како што се Италија, Грција и Шпанија. Еден од клучните чекори е окрупнување на земјоделското земјиште.

-Mинатата година имаше намален извоз кај јаболката, праските, црешите, лубениците… Дали проблемот е во тоа што тешко се наоѓаат купувачи или во квалитетот?

Шуклев: Мислам дека не е проблем да се најдат купувачи. Проблемот е во производството. Голем дел од сортите што се одгледуваат во Македонија се застарени. Еве, за пример, ќе ги земам јаболката. Во Македонија најзастапена сорта е ајдаред, која со себе носи и низа проблеми. Ајдаредот е стара сорта што не може да ги издржи климатските промени што ги живееме.

Минатата година беше многу лоша – во април измрзнаа голем број овошки, особено штети имаше кај сливите и јапонските јаболки во гевгелиско-валандовскиот регион. Но, само 60 километри појужно од нас, во Грција, сливата, праската и црешата не измрзнаа, бидејќи таму се одгледуваат нови хибридни и поиздржливи сорти.

Како држава имаме застарена сортна застапеност и во овој дел се потребни големи промени и стимули за земјоделците да почнат да ги менуваат сортите што ги одгледуваат.

-Kој е начинот за да се случат тие промени во сортната застапеност? Какви се искуствата на другите, поуспешни земји кои тоа го прават?

Шуклев: Ќе го споменам примерот од Србија. Србија на национално ниво субвенционираше 80% од трошоците на земјоделците за промена на сортите јаболка што ги одгледуваат. Денес во Србија речиси и да не се одгледува ајдаред. Последните десетина години, на секој земјоделец кој сака да купи нови садници од сортите Гала, Црвен делишес или некоја понова сорта, државата му покрива 80% од трошоците.

Ќе се осврнам и на грозјето. Во последните години се забележува зголемен интерес кај европските купувачи за бессемени сорти на трпезно грозје и, општо, кај други овошја како што се бессемената лубеница, мандарина и слично. Во Македонија, покрај „Витториа Фруит“, уште само неколку компании работат со бессемени сорти, што е релативно малку ако се има предвид дека во државата се произведуваат над 10 милиони килограми трпезно грозје годишно.
Истовремено, пазарот континуирано се развива – на секои неколку години се појавуваат нови и подобрени сорти, со поголем принос и подобра отпорност, кои на долг рок можат да го олеснат и унапредат производството. Во такви услови, можно е традиционалните семени сорти постепено да се соочат со поголеми предизвици при пласманот, особено ако побарувачката продолжи да се насочува кон бессемени сорти.

Со оглед на тоа што трендовите и барањата на пазарот се менуваат, корисно би било да се направи подетална анализа на сортните карактеристики и на предизвиците со кои се соочуваат македонските производители при пласманот. Ваквиот пристап би помогнал да се процени долгорочната исплатливост и конкурентност на одредени сорти во иднина.

На последниот саем Fruit Logistica воведувањето на дигитализацијата и автоматизацијата беше посочено како многу важен тренд во индустријата за овошје и зеленчук за постигнување поголема конкурентска предност. Според искуството што го имате во „Витториа Фруит“, каде би можело и би требало да се имплементира дигитализацијата?

Шуклев: Дигитализацијата и автоматизацијата мора да се применуваат и во производството и во постбербените активности. Во овој дел мора да ги следиме искуствата на поуспешните земји. На пример, во соседна Грција веќе секој втор производител на коскесто овошје аплицира пестициди со помош на дронови. Ние сме многу далеку од тоа, но мора да се стремиме да ги применуваме овие технологии за да се унапреди производството.
Ако не размислуваме во оваа насока, едноставно ќе го губиме чекорот со она што го бараат пазарот и европските купувачи. Да не заборавиме дека Македонија била и е аграрна земја, и ако сакаме тоа да го задржиме, неопходни се промени.

Колку здружението „Макфреш“ успева да ги зајакне позициите на производителите на овошје и зеленчук во јавно-приватниот дијалог и во добивањето поддршка за потребните реформи во секторот?

Шуклев: Формирањето на здружението „Макфреш“ придонесе за поинтензивна комуникација и соработка со институциите. Како здружение, континуирано даваме предлози и идеи за унапредување на состојбите во секторот за производство на свежо овошје и зеленчук. Минатата и оваа година доставивме околу 30 предлози поврзани со подобрување на моделот на субвенционирање, од кои дел беа прифатени. Сметаме дека е позитивен сигнал тоа што со последната програма се нагласува поддршката за професионалните земјоделци. Многу е важно конечно да се направи оваа дистинкција за да можат субвенциите да завршат на вистинското место.

„Макфреш“, преку своите членки – најголемите производители и извозници на свежо овошје и зеленчук во државата – и понатаму ќе продолжи да нуди поддршка, насоки и конструктивни предлози за унапредување на секторот.

-Горлив проблем за македонската економија станува работната сила. Каква е состојбата во вашата компанија и индустријата за свежо овошје и зеленчук?

Шуклев: Работната сила е сè поголем проблем, не само во земјоделството, туку и во другите гранки. Во здружението „Макфреш“ веќе има три компании што почнаа да увезуваат странска работна сила, бидејќи недостигот навистина станува неиздржлив.

За да се користи повеќе домашна работна сила, потребна е посебна стратегија за луѓето да се задржат во руралните средини и да се занимаваат со земјоделство. За жал, кај нас постои негативна стигма или потценување кога ќе се спомене дека некој е земјоделец. Во успешните европски земјоделски земји земјоделците се на врвот на пирамидата и уживаат висок статус во општеството.

Сигурен сум дека кога компаниите ќе понудат фер услови, младите луѓе би одлучиле да останат и да заработуваат тука, наместо во странство. На пример, во „Витториа Фруит“ ангажираме многу сезонски работници во постбербените активности. Најголем дел се студенти од околината на Гевгелија кои го користат летниот распуст за да заработат. Досега како компанија не сме имале проблем со сезонски работници.

Секоја компанија мора да размислува како повеќе да ги ангажира младите луѓе. Но, предизвикот е како тие млади луѓе да се привлечат да останат подолго. Интересен факт што ќе го посочам е дека досега не сме имале сезонски ангажиран студент кој студира на Земјоделскиот факултет.



– Вие сте еден од ретките примери на млад човек кој се школувал надвор, но одлучил да се врати во Македонија и да гради бизнис во земјоделството. Како приказна е навистина инспиративна, но дали е исплатливо?

Шуклев: Најдобро би било ова прашање да ми го поставите повторно по пет до десет години. Убеден сум дека посветен земјоделец, кој ги следи трендовите што ги бараат европските купувачи и кој произведува квалитетен производ, може добро да заработи во земјоделството.
Секако, горд сум на тоа што досега сум го направил. Потребен е подолг период за да се случат поголеми промени и земјоделството да се издигне на повисоко ниво. За мене тоа е предизвик – да се бориме за создавање подобра иднина за нас и нашите поколенија.