Во јануари годинава од Македонија биле извезени стоки во вредност од 530,6 милиони евра, што претставува пад од 8,3% во споредба со истиот месец лани. На месечно ниво, извозот бележи уште поголемо намалување од 13,37% во споредба со декември 2025 година.
Истовремено, во земјава биле увезени стоки во вредност од речиси 795 милиони евра, што е пад од 6,42%. Покриеноста на увозот со извоз во јануари изнесувала 66,8%.
Пад на извозот во соседните земји
Ако се гледа извозот по земји, во Германија во јануари биле извезени стоки во вредност од 215,7 милиони евра, што е пад од 2,2%.
Многу поголем пад има кај соседните земји, Косово -32%, Бугарија -22,9%, Србија -19,2%, Грција: -15,6%.

Од најголемите 15 извозни пазари, кои заедно учествуваат со 82% од вкупниот извоз, на 13 пазари е забележан пад. Единствено раст има кај Полска и Швајцарија.
Пад во клучни извозни индустрии
Според најновите податоци од Државниот завод за статистика, падот е особено изразен во индустриите каде доминираат компании со домашен капитал.

Така на пример, висок пад од 19,2% има кај извозот на храна. Притоа, извозот на свеж зеленчук и овошје бележи гоолем пад од 29,5%.
Извозот на железо и челик во јануари е помал за дури 31% во однос на јануари 2025 година. Извозот на пијалоци и тутун бележи пад од 14%, извозот на минерални горива има пад од 13,8%, извозот на кондиторски производи има пад од 19,4%, додека извозот на преработки од овошје и зеленчук во јануари има намалување од 13,9%.
Меѓу причините за намалениот извоз во јануари е и блокадата ја граничните премини од страна на превозниците, кога во период од четири дена од 26 до 29 јануари беше комплетно блокиран товарниот транспорт од и во Македонија.

























