Со Договорот ќе се утврди кои македонски производи ќе имаат пристап до американскиот пазар со помали ацрински стапки од основната стапка од 15%, а кои ќе можат да се извезуваат без царини.

Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави усогласија Заедничка изјава и Рамка за договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, со што се зајакнува билатералната економска соработка и се отвора поголем пристап до американскиот пазар за македонските компании.

Денес правиме значаен исчекор во економската соработка со нашиот стратешки партнер – Соединетите Американски Држави. Усогласивме заедничка изјава и рамка за Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, со што ја зајакнуваме билатералната економска соработка и отвораме поголем пристап до американскиот пазар за македонските компании“, истакна министерот за надворешни работи и надворешна трговија.

Заедничката изјава е основа за преговори за договор со кој ќе им се обезбеди на извозниците од двете земји проширен пристап до меѓусебните пазари и ќе се овозможи унапредување на меѓусебните трговски односи. Договорот ќе ги поддржи заедничките стратешки интереси, ќе го промовира економскиот раст и ќе го продлабочи трансатлантското партнерство.

Важно е да бидеме прецизни: САД ќе ја задржат реципрочната царина од 15% за производите со потекло од нашата држава, додека паралелно – и тоа е суштината на успехот – ќе се идентификуваат производи што ќе добијат до 0% реципрочна царина. Со други зборови, за дел од клучните индустрии и производи, царини ќе се намалат до нула“, нагласи министерот Муцунски.

Заедничката изјава опфаќа повеќе области, вклучително царини, зајакнување на економската и националната безбедносна соработка, дигитална трговија, енергетскиот сектор, заштита на животната средина, нетарифни бариери и заштита на правата од интелектуална сопственост.

Станува збор за конкретен и мерлив успех за македонската економија. Оваа заедничка изјава им обезбедува на нашите компании конкурентска предност, јасна регулаторна рамка, поголема предвидливост и посилна позиција на еден од најголемите пазари во светот“, посочи министерот.
Следниот чекор е финализирање на Договорот и спроведување на домашните процедури за негово стапување во сила.

Во официјалното соопштение на Канцеларијата на трговскиот претставник на Соединетите Американски Држави (USTR) се наведува дека ова ги поставува темелите за Договор за реципрочна трговија со цел унапредување на економското партнерство, при што амбасадорот Грир упатува благодарност до министерот Муцунски за неговиот конструктивен ангажман во насока на ребалансирање на трговските односи.

„Трговската агенда на претседателот Трамп ги продлабочува нашите трансатлантски врски со клучен партнер во балканскиот регион. Оваа објава ги поставува темелите за Договор за реципрочна трговија со цел да се унапреди нашето економско партнерство, истовремено отстранувајќи ги административните пречки за американските земјоделци и производители. Му благодарам на министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, за неговиот конструктивен ангажман во насока на ребалансирање на нашите трговски односи и создавање нови можности за американските работници и бизниси“, се наведува во официјалната изјава.

ПОВРЗАНИ НАПИСИ:

Зошто Македонија доби висока царина како да има многу поголем извоз во САД ?!

Трамп ја удри и Македонија: Царини од 33% за извоз во САД

Што најмногу извезуваме во САД, а што најмногу увезуваме?