Цените на нафтата продолжија да растат откако Саудиска Арабија го затвори клучниот нафтовод за транспорт на сурова нафта по нападите врз инфраструктурата. Одлуката дополнително го потресе енергетскиот пазар, бидејќи станува збор за рута која има важна улога во заобиколувањето на Ормутскиот теснец во услови на војната меѓу САД и Иран.

Цените на нафтата пораснаа за околу 3% во понеделник, откако новите напади врз енергетската и цивилната инфраструктура на Саудиска Арабија и иранските напади врз бродови во Заливот ги зголемија загриженостите за снабдувањето по затворањето на клучниот саудиски нафтовод.

Цената на Брент порасна за 3,7 отсто и во еден момент надмина 108 долари за барел, пред делумно да се повлече. Американската нафта ВТИ (West Texas Intermediate) се тргуваше близу нивото од 103 долари за барел.


Доколку протокот низ нафтоводот биде обновен за кратко време, последиците би требало да бидат ограничени. Во тој случај би можеле да се користат резервите во Јанбу, на западниот крај на нафтоводот. Меѓутоа, доколку прекинот потрае, можно е да дојде и до намалување на производството.

Затворањето на овој нафтовод, кој ѝ овозможува на Саудиска Арабија да го заобиколи теснецот Хормуз и да го пренасочи својот извоз, загрозува до 4% од глобалното снабдување со нафта.

Дополнителна неизвесност носат и дипломатските случувања во регионот. Состанокот меѓу Иран и неколку земји од Персискиот Залив, планиран за понеделник, на кој требаше да се разговара за воспоставување привремена бродска рута низ Ормутскиот теснец, е одложен.

Информацијата ја соопшти министерот за надворешни работи на Оман, Бадр Албусаиди. Бахреин претходно најави дека нема да учествува на состанокот, меѓу другото и поради нападот врз нафтоводот Исток–Запад, додека според медиумски извештаи и Ријад имал резерви во однос на предложениот план.

Во фокусот и Црвеното Море

Трговците со нафта внимателно ги следат и последиците од напредувањето на Хутите во Јемен, кои се поддржани од Иран, долж брегот на Црвеното Море.

Со проширувањето на контролата во ова подрачје, групата би можела да добие поголемо влијание врз поморскиот сообраќај преку теснецот Баб ел-Мандеб – уште една од клучните точки за глобалниот транспорт на енергенси и стоки.

Истовремените ризици околу Ормутскиот теснец, саудиската нафтена инфраструктура и Баб ел-Мандеб ја зголемуваат неизвесноста на пазарите и стравувањата од дополнителни нарушувања во глобалното снабдување со нафта.