Европското здружение на производители на автомобили (ACEA) е сè повеќе загрижено за нарушувањето на европското производство на возила поради блокирањето на снабдувањето со основни микрочипови кои се неопходни за производството на автомомобили.
“Додека политичкиот спор што доведе до забрана за извоз на чипови Nexperia од Кина останува нерешен, ситуацијата станува сè покритична секојдневно за глобалното автомобилско производство. Резултирачкиот недостиг на снабдување од типот на едноставни чипови што се користат во контролните единици на електричните системи на возилата силно ги погодува производителите на автомобили низ целиот свет, вклучително и овде во Европа. Индустријата моментално работи со резервни залихи, но залихите брзо се намалуваат“, се вели во соопштението од ACEA.
Се очекуваат прекини во производството на втомобили во Европа
Од Здружението велат дека некои од компаниите веќе очекуваат неизбежни застои на производствените линии.
Иако постојат многу алтернативни добавувачи, потребни се многу месеци за да се изгради дополнителен капацитет потребен за да се задоволи недостатокот на снабдување.
Заради тоа, ввтомобилската индустрија нема долго време пред да се почувствуваат најлошите ефекти од овој недостаток.
„Знаеме дека сите страни во овој спор работат многу напорно за да најдат дипломатско решение. Во исто време, нашите членови ни кажуваат дека снабдувањето со делови веќе е запрено поради недостатокот“, изјави генералниот директор на ACEA, Сигрид де Врис.
„Ова значи дека застојот на производствените ленти може да биде за само неколку дена. Ги повикуваме сите вклучени да ги удвојат своите напори за да најдат дипломатски излез од оваа критична ситуација“.
Политичкиот конфликт кој создаде криза во снабдувањето со чипови
Политичкиот конфликт почна откако холандската влада на крајот на септември 2025 година ја презеде контролата врз Nexperia, поради „сериозни недостатоци во управувањето“ и опасност од пренесување на технологија од Европа кон Кина, повикувајќи се на закони уште од времето на студената војна.
Nexperia е компанија за чипови, со седиште во Холандија, во сопственост на кинеската Wingtech Technology. На потегот на Холандија, кинеските власти го забранија извозот на деловите потребни во производството на Nexperia од Кина. Тоа го доведе во прашање работењето на Nexperia, но соддаде загриженост за пореметување на глобалниот ланец на снабдување, особено во автомобилската индустрија.
Портпаролот на ЕУ, Олоф Гил, изјави дека комесарот за трговија Марош Шефковиќ оваа недела бил во контакт со кинески и холандски претставници.
„Целта е да се најде брзо решение за овој проблем, кој, е сериозен и кој предизвика многу загрижености кај европската индустрија“, изјави Гил пред новинарите, нагласувајќи дека прашањето ќе биде разгледано во четврток со кинеските претставници во Брисел.
Дополнително, извозните ограничувања на Кина за ретки минерали – клучни за автомобилскиот, електронскиот и одбранбениот сектор – исто така предизвикаа негодување во Брисел и ќе доминираат на разговорите во четврток.
Европската унија вели дека ограничувањата на Кина веќе ги принудија некои од компаниите на блокот да го запрат производството и нанесоа економска штета.
ПОВРЗАНИ НАПИСИ:
Европа ја губи технолошката трка од Кина и САД, предупредува добитникот на Нобеловата награда



























