Со грант од ЕУ започнуваме со имплементација на Проектот за автоматизација на терминалите, т.н. „Паметни граници“, што значително ќе го забрза протокот на стоки на граничните премини. Очекуваме до крајот на 2027 година целосна имплементација на проектот, за што веќе е објавен и јавен повик за набавка на опремa, како и негово поврзување со системот за видео надзор и препознавање на регистарски таблички. Преку дигитализација на царинските процеси ја создаваме основата за функционирање на единствениот пазар и забрзување на влезот на земјата во ЕУ, како клучно за успешна пазарна економија. Ова го истакна директорот Бобан Николовски на маргините на конференцијата во Загреб, „Интеграција и дигитална трансформација – Патот до ЕУ царина“ во организација на хрватската Царинска управа.
Николовски воедно ги пренесе искуствата од Системот за анализа на ризик и податочен склад имплементиран со грант од Република Кореја – прво воспоставување на системот за електронско царинење на Царинската служба на Република Кореја во целиот европски регион.
„Овој систем ни е од исклучителна важност бидејќи со истиот овозможивме унапредување на анализата на ризик и подобра селекција и концентрираност на контролите на високоризични пратки, со што се овозможува олеснување и забрзување на легалната трговија“, рече директорот.
Во рамки на конференцијата, директорот оствари билатерална средба со директорот на хрватската Царинска управа, Марио Демировиќ, на која разменија искуства за тековните предизвици, како и за можностите за зајакнување на соработката и заедничко делување кон сите потенцијални закани.



























