Денеска во Развојната банка на Северна Македонија беше презентирана новата веб-платформа “Е-Осигурување”, развиена во соработка со Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ). Станува збор за партнерство што резултира со системска промена од исклучителна важност за бизнисите во државата и практична алатка која им овозможува побрз, побезбеден и поефикасен пристап до извозните пазари, како и услови за користење на други финансиски инструменти.
Целта е компаниите да освојат нови извозни пазари и да останат отпорни во време на предизвици.
Платформата е развиена од ASEE (Asseco SEE), интегрирајќи глобална експертиза со локалните потреби.
“Побарувачката за осигурување на побарувањата континуирано расте, особено во услови на зголемена неизвесност во меѓународната трговија. Токму затоа и произлезе потребата да ја унапредиме и дигитализираме услугата, со цел таа за да биде побрза, поефикасна и подостапна за компаниите. Благодарение на поддршката од Амбасадата на Швајцарија и програмата ИМЕ, создадовме дигитална платформа што го олеснува процесот на аплицирање и обработка на податоци. Со ова им овозможуваме на компаниите едноставен пристап до осигурување на побарувањата, а за Банката тоа значи повисока продуктивност, намалени оперативни ризици и ослободување на човечки ресурси за развој на нови производи,“ изјави Ефимија Димовска, главен извршен директор на Развојна банка на Северна Македонија.

Михал Харари, заменик-шеф на мисија во Амбасадата на Швајцарија во Северна Македонија, ја истакна важноста на дигитализацијата како инструмент за зголемување на конкурентноста на македонските компании.
“Оваа иницијатива е повеќе од технолошка надградба на Развојната банка – таа е јасен чекор напред во зајакнувањето на конкурентноста на македонските компании. Драго ни е што со поддршката од Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост (IME), Развојната банка останува посветена на воведување нови алатки, следејќи ги меѓународните трендови и применувајќи дигитални решенија во клучните сектори на економијата. Дигитализацијата не е избор, туку неопходност – особено во тековното неизвесно окружување”, изјави Харари.
Амбасадата на Швајцарија ја потврдува својата заложба за поддршка на иницијативи што овозможуваат побрз развој на бизнисите, поттикнуваат иновации и придонесуваат за одржлив економски развој во државата.
“Оваа иницијатива е силен пример за тоа како соработката може да донесе системски промени со опипливи резултати за компаниите и пошироката економија”, вели Харари.
Развојната банка уште во 2005 година го има воведено производот осигурување на побарувања од комерцијални ризици, како инструмент за намалување на ризиците и подобрување на наплатата кај македонските компании.
Како единствен понудувач на овој производ во земјава, Развојната банка досега има поддржано над 800 компании со повеќе од 6.000 купувачи, при што вкупниот износ на осигурени побарувања достигна 1,4 милијарди евра.
Какви придобивки носи платформата Е-Осигурување за македонските компании ?
Дарко Стефановски, директор на Сектор за кредитно осигурување и факторинг во Развојната банка потенцира дека најголем дел од корисниците на овој инструмент се извозни компании.

“Неизвесноста ја зголемува побарувачката за осигурување на побарувањата. Годишно има над 600 апликации за оваа услуга. Само минатата година беа пријавени над 86 илјади фактури за осигурување, од кои 65% се однесуваа за извоз во вредност од околу 160 милиони евра, со купувачи во 38 земји”, вели Стефановски.
Според него, новата дигитална платформа носи придобивки не само за клиентите, туку и за Банката – овозможувајќи поголема ефикасност и намалување на оперативните ризици.
Што се однесува до придобивките за компаниите, со лансирањето на платформата Е-Осигурување, македонските претпријатија ќе можат побрзо и побезбедно да аплицираат за осигурување на извозот, да управуваат со ризици со поголема контрола и да ја оптимизираат ликвидноста и пристапот до финансирање.
Со дигитализација на процесите за осигурување на извозот, Развојната банка им обезбедува на компаниите да ги поедностават и забрзаат административните процедури, да го подобрат управувањето со осигурувањето на извозот, како и да ја подобрат безбедноста и контролата во управувањето со побарувањата.

Платформата ќе овозможи значително намалување на оптоварувањето и рачното внесување на податоци од хартиени документи, со што ќе се намали можноста за грешки и ќе се постигне систематско формализирање и олеснување на комуникацијата меѓу фирмите и Развојната банка.
Повеќе за платформата на: https://portal.mbdp.com.mk/.
Платформата Е-Осигурување – пример за успешна соработка
Директорката на Развојната банка ја посочи платформата Е-Осигурување како одличен пример за успешна соработка.
“Бидејќи финансиските ресурси на Банката се ограничени, секоја поддршка што обезбедува одржливо подобрување на работењето е од огромно значење. Се надевам дека соработката со Амбасадата на Швајцарија ќе продолжи и во иднина, со цел да овозможиме дигитализација и на други производи корисни за компаниите”, вели Димовска.

Горан Димовски, директор на Швајцарската програма ИМЕ, ја нагласи партнерската соработка во подготовката на дигиталната платформа за осигурување како успешен пример за системска промена што ќе остане втемелена во работењето на Развојната банка и ќе донесе конкретни придобивки за компаниите.
Швајцарската програма ИМЕ започна успешна соработка со Развојната банка во 2021 година преку анализа на потребите на компаниите за дигитализација. Врз основа на таа анализа, Банката дизајнираше и лансираше револвинг кредитна линија од два милиони евра за поддршка на дигитализацијата и дигиталната трансформација на малите и средни претпријатија, како и на компаниите со средна капитализација. Преку оваа иницијатива беа доделени 13 кредити на компании од различни индустрии низ целата земја, имплементирани преку шест комерцијални банки. Очекувањата се дека во наредниот период Банката ќе обезбеди дополнителни средства во кредитната линија, со цел да се пласираат нови кредити за дигитална трансформација.
Платформата Е-Осигурување е развиена со финансиска поддршка од Амбасадата на Швајцарија, преку Швајцарската програма за вработливост ИМЕ, сопствени средства на Развојната банка и со финансиска поддршка од УСАИД.


























