Volkswagen планира да инвестира 180 милијарди евра во текот на следните пет години во производство на батерии и набавка на суровини, во обид да ги намали трошоците за електричните возила и да го заштити својот удел на пазарот, соопштија денеска од Volkswagen.
Над две третини од петгодишниот инвестициски буџет на компанијата е наменет за електрификација и дигитализација, вклучително и за батерии и суровини.
Volkswagen, најголемиот европски производител на автомобили, се стреми да го затвори јазот со лидерот во електрични возила, американската Тесла со проширување на уделот на растечкиот пазар за електрични автомобили.
Германскиот Volkswagen има за цел да извади на пазарот подостапен електричен автомобил кој чини околу 25.000 евра на пазарот до 2025 година.
Од компанијата се надеваат дека дотогаш ќе склучи доволно договори за набавка на суровини и ќе го прошири производството на батерии за да ги намали трошоците за електрични возила, од кои 40% произлегуваат од цената на батеријата.
„Очекуваме да достигнеме 20% електромобилност во новите продажби од 2025 година и веќе инвестираме две третини во таа област“, информираат од Volkswagen. „Од друга страна, треба да ги одржуваме конкурентни моторите со согорување… тоа е двојно оптоварување“.
Производителот на автомобили овој месец објави оптимистичка перспектива за годината што следи, предвидувајќи раст од 10% до 15% на приходите од 14% повисоки испораки.
Извор: Reuters