Хрватскиот деловен медиум „Пословни дневник“, во рамки на темата насловена „Регионален скенер за претприемачи“, прави избор на највлијателните деловни луѓе во регионот – претприемачи и менаџери кои имаат значајно влијание врз регионалната бизнис-сцена и управуваат со успешни компании од прехранбената индустрија, фармацијата, производството, трговијата и дистрибуцијата.
Во групата највлијателни бизнисмени е и Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“, една од најголемите македонски компании и значаен регионален играч во фармацевтската индустрија.
„Пословни дневник“ посебно се осврнува на професионалниот пат на Мукаетов во „Алкалоид“, кој го започнал во септември 1999 година, на 25-годишна возраст, од пониските хиерархиски нивоа во компанијата.
По повеќе менаџерски позиции, во мај 2006 година Мукаетов е именуван за генерален директор, а потоа и за претседател на Управниот одбор, наследувајќи го Трајче Мукаетов, кој успешно управуваше со компанијата од 1985 година.
Од регионална база до глобална стратегија
Хрватскиот медиум го истакнува регионалното присуство на „Алкалоид“ и стратегијата на компанијата за натамошно меѓународно ширење.
„За Алкалоид, регионот е почетна точка од која се гради глобална стратегија. Компанијата има производствен погон во Белград, хемиска лабораторија во Љубљана и корпоративен правен тим во Загреб. Алкалоид исто така има осмислени форми на соработка со конкурентите во Хрватска, Србија и Босна и Херцеговина“, пишува „Пословни дневник“.
Во текстот се потенцира и силниот раст и развој на компанијата под раководство на Мукаетов. Според објавените податоци, „Алкалоид“ во изминатите 18 години пораснал околу четири и пол пати.
Мукаетов неодамна во интервју за „Ал Џезира Балканс“ го објасни растот со стратегијата за развој на производи со поголема додадена вредност.
„Пред сè, поради градење портфолио на производи кои имаат додадена вредност, диференцирани се од конкуренцијата, имаат висок квалитет и се конкурентни на својот пазар“, изјави Мукаетов.
Растот продолжи и во 2025 година кога „Алкалоид“ остварил консолидирана продажба од 339,3 милиони евра, што претставува раст од 10%, додека консолидираната нето-добивка достигнала 29,2 милиони евра. EBITDA е зголемена за 20%, а компанијата реализирала инвестиции од 18 милиони евра.
Кои се другите влијателни бизнисмени во регионот?
Покрај Мукаетов, „Пословни дневник“ издвојува повеќе познати претприемачи и корпоративни лидери од земјите во регионот, кои, како што наведува медиумот, успеваат и во кризни периоди, се приспособуваат на промените и од кризите излегуваат уште посилни.
„Пословни дневник“ прави и интересна споредба со состојбата од пред една деценија. Доколку вакво рангирање се правело пред десетина години, на самиот врв речиси сигурно би се нашол хрватскиот бизнисмен Ивица Тодориќ, кој беше на чело на тогашниот регионален гигант „Агрокор“.
Но, една деценија подоцна, ниту Тодориќ, ниту „Агрокор“ повеќе ја имаат некогашната улога на регионалната бизнис-сцена. Овој пример, според хрватскиот медиум, покажува колку брзо може да се промени корпоративната мапа во регионот и зошто способноста за адаптација, одржлив раст и успешно справување со кризи е важна за долгорочното опстојување на големите компании.
Меѓу групата највлијателни бизнисмени во регионот се Мирослав Мишковиќ, претседател на групацијата „Делта холдинг“; Петар Матијевиќ, сопственик на месната индустрија „Матијевиќ“; Паво Вујновац, сопственик на ENNA и „Фортенова група“; Емил Тедески, основач и претседател на Управниот одбор на „Атлантик група“; Мартина Далиќ, претседателка на Управниот одбор на „Подравка“; и Душан Шешок, сопственик на словенечката „Искра“.
Во изборот се вклучени и Сенад Џамбиќ, основач и сопственик на „Бинго“, една од најголемите деловни групации во Босна и Херцеговина; Петар Ќорлука, сопственик на „Виолета“; како и Драган Бокан, претседател на црногорскиот трговски синџир „Воли“.
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
Живко Мукаетов од прва рака за берзанскиот успех и идните перспективи на „Алкалоид“
“Алкалоид” со раст на продажбите, добивката и инвестициите во првата половина од 2026 година
„Алкалоид” е пример дека Македонија може да се натпреварува глобално – Мукаетов на Самитот „Македонија 2025“
Мукаетов: Патот кон европските пазари го изградивме сами, чекор по чекор, со квалитет, стандарди и визија насочена надвор од границите
























