Економската слабост на Германија продолжува да се продлабочува. Според најновите податоци од Федералниот завод за статистика (Destatis), Бруто домашниот производ (БДП) на земјата се намалил за 0,3% во вториот квартал од 2025 година — значително поголем пад од првично проценетите 0,1%, покажуваат податоците од Федералниот завод за статистика на Германија, Дестатис.
Најголем удар претрпе индустриското производство, особено во секторите за преработувачка индустрија и градежништво, кои покажаа послаби резултати од очекуваното.
Овој тренд доаѓа по умерениот раст од 0,3% во првиот квартал и 0,2% во последниот квартал од 2024 година.
Приватната потрошувачка, која првично се сметаше за стабилизирачки фактор, е ревидирана надолу поради нови податоци од услужниот сектор — особено статистиките за угостителството во јуни. Вкупната потрошувачка во Германија во вториот квартал пораснала за 0,3%, при што приватната потрошувачка бележи скромен раст од 0,1%, додека државната потрошувачка се зголемила за 0,8%.
Извозот, кој традиционално е двигател на германската економија, не успеа да даде значаен придонес. Во периодот од април до јуни, извозот на стоки и услуги е намален за 0,1% во споредба со претходниот квартал.
Бундесбанк: Не се очекува раст ниту во третиот летен квартал
Германската Бундесбанк не очекува раст ниту за тековниот летен квартал.
Се очекува најголемата економија во Европа да стагнира, според најновиот месечен извештај.
„Мрачните изгледи за глобалната трговија, сè уште слабата ситуација со нарачките и ниската искористеност на постојните капацитети веројатно дополнително ќе влијаат врз инвестициската активност на корпорациите“, се наведува во Извештајот на Бундесбанка.
Германија е најголем извозен пазар за Македонија, но и за земјите од регионот, па слабоста на германската економија силно се одразува и врз извозот, инвестициите и економската активност.