Претседателот на Владата на Република С. Македонија Христијан Мицкоски на денешниот Самит во организација на „Македонија 2025“ истакна дека во изминатите 10 месеци од формирањето на Владата фокусот бил ставен на стабилизација на државата, затоа што државата била во слободно паѓање.
“И затоа нашата стратегија беше ајде да го запреме слободното паѓање, па потоа да се обидеме да дојдеме до состојба нула, па дури потоа да почнеме да размислуваме на суштински покрупни реформи кои што можат да додадат вредност. И јас мислам дека од тоа што го предвидовме, успеавме да дојдеме до состојба нула или доаѓаме до состојба нула, иако мислевме дека ќе ни треба можеби повеќе од година и половина до две, ценам дека овие перформанси и параметри кои како индикатори се појавуваат”, изјави Мицкоски, посочувајќи дека главен инпут на Владата бил “да видиме која е нашата стратешка предност, виз-а-ви околните држави, но и генерално што е стратешката предност на Македонија како држава во споредба со другите европски држави”.
“Нашата економија има голем потенцијал и јас сум убеден дека и во овој момент ние сме со перформанси многу пред сите други. Ќе ве потсетам Светска банка предвидуваше за 2024 година дека ќе имаме раст на БДП од 1,8 %. Морам да кажам дека беа песимисти, сепак можеби требаше да дадат шанса да бидат поголеми оптимисти. Ние имавме 2,%, што не е доволно, но доволно е затоа што во третиот и четвртиот квартал бележиме стапка на раст од над 3 %, а за првиот квартал од оваа година имајќи ги предвид првичните индикатори, индустриското производство, туризмот и останатото, не би се изненадил ако имаме околу 3,5% до 4 %, што ќе претставува раст на БДП еден од водечките во Европа”, дециден е Мицкоски.
Самит во организација на „Македонија 2025” беше отворен денеска со воведни обраќања на претседателот на Одборот на директори на Македонија2025, Виктор Мизо и извршната директорка, Никица М. Блажевски.
Главните теми на Самитот ќе бидат обработени во 14 панел сесии на кои ќе учествуваат 36 врвни говорници од Македонија и светот. Фокусот ќе биде ставен на потребата од забрзан економски раст и моделите како тој да се оствари, како и на дигиталната трансформација, иновациите, привлекувањето странски инвестиции и борбата против корупцијата. На панелите и преку интервјуа со глобални и домашни лидери, ќе се дискутираат конкретни решенија и добри меѓународни практики за конкурентна, одржлива и поврзана Македонија.