На 12 јуни во Скопје, за првпат ќе се одржи Германско-македонскиот бизнис самит, кој претставува нова платформа за зајакнување на економската соработка меѓу Македонија и Германија.
„Преку овој самит создаваме простор за размена, партнерство и визија за иднината на македонско-германските економски односи. Овој значаен настан претставува клучен момент во прославата на 25-годишнината од AHK Северна Македонија и Германско-Македонската бизнис асоцијација (DMWV), истакнувајќи го долгогодишното партнерство и успешниот економски развој меѓу нашите земји“, велат од AHK Северна Македонија, дел од мрежата на германските стопански комори во странство.
На Самитот ќе учествуваат врвни експерти кои ќе дебатираат за клучни економски теми, меѓу кои:
- Инвестициските перспективи во Северна Македонија – можности и предизвици за странските инвеститори
- Достапноста на квалификувана работна сила – клучен фактор за економски раст
- Иновациската сцена и стартап екосистемот – двигатели на нови идеи и млади таленти
- Економските и младинските перспективи – заклучоци и насоки за иднината
Дополнително, на Самитот е предвидено доделување на првата Германско-македонска бизнис награда, со што ќе се признаат извонредните постигнувања во билатералната економска соработка.
Се очекува присуство на голем број гости од бизнис-секторот и политиката на двете земји, вклучувајќи претставници од Сојузното министерство за економски работи и клима на Германија, Германската индустриска и трговска комора (DIHK), како и македонската Влада, што ќе испрати јасен сигнал за големото значење на билатералната соработка меѓу двете земји.
Германија е најголем извозен пазар за македонската економија, каде се пласира над 45% од извозот, главно делови кои се наменети за германската автомобилска индустрија. Во земјава работат околу 200 компании со германски капитал, кои вработуваат околу 20 илјади луѓе, а кои истовремено се и меѓу најголемите извозници.
Повеќе информации за самитот и за агендата можете да погледнете тука.