Автор: Неда Поповска-Камнар

Глобалните трговски тензии и неизвесноста од засиленото воведување на високи царински стапки како инструмент за контрола на трговскиот дефицит ја наметнаа потребата да се преиспита поставеноста на Светската трговска организација (СТО) и неопходноста за нејзина реформа.

Оваа иницијатива беше предложена од првиот човек на организација на почетокот на годината, но од тогаш ништо не беше превземено во оваа насока. Фондацијата Хинрих, филантропска организација со седиште во Азија, чијашто цел е унапредување на глобалната трговија, во април 2025 година спроведе анкета[1] со цел да направи проценка на главните области коишто би можеле да бидат дел од реформскиот процес на СТО. Во анкетата учествуваа 27,665 креатори на политики, трговски експерти, како и претставници од академијата и медиумите од Северна Америка, Европа, Азија-Пацифик, Јужна Америка и Африка и Блискиот Исток.

Најголем дел од анкетираните (околу 82%), ја истакнаа потребата за неопходна реформа на Светската трговска организација. Во рамките на реформскиот процес, потребно е да се спроведат бројни промени во организациската поставеност на СТО, како и на нејзините процеси. Еден од нив е и начинот на донесување на одлуки, каде со цел да се усвојат предложените трговски правила потребен е целосен консензус помеѓу 166 членки на СТО. Повеќе од 92% од анкетираните се сложиле дека е неопходна модернизација на овој процес поради негова застареност. Имено, „консензус“ започнал да се применува како начин на донесување на одлуки пред 80 години, кога организацијата имала многу помалку членови и овој процес бил поедноставен. Но, денес со значително проширено членство, овој начин предизвикува застој во процесот на донесување на одлуки и се попречува креирањето на трговските правила-е нагласено во анкетата. На прашањето дали процесот на донесување одлуки на СТО е ефикасен во управувањето со различните интереси на нејзиното растечко и разновидно членство, 73% одговориле дека не е, односно дека е донекаде неефикасен.

Според Анкетата, еден од најголемите проблеми со којшто се соочува СТО е системот за порамнување на спорови. Во последниот период, видлива е нејзината слабост во решавање на „царинската војна“ помеѓу најголемите светски сили, што создава услови на де-глобализација и протекционизам. Кина од една страна не е согласна да ги промени своите трговски практики, додека САД со новата политика наметна нееднакви царини за различни трговски партнери. Околу 42% од анкетираните укажале дека застојот во решавањето на трговските спорови, влијае врз ефикасноста на СТО.

Најголем дел од анкетираните (73%) ги оцениле актуелните геополитичките тензии и фрагментација на трговијата за исклучително заканувачки за мултилатералниот трговски систем. Имено, СТО мора да започне процес на реформирање, со цел да создаде услови за спроведување на меѓународни трговски преговори кои ќе се однесуваат на актуелните теми како што се е-трговијата, инвестициите, климатските промени и слично.  Така, организацијата треба да ја прилагоди својата институционална структура на новата реалност во глобалната трговија. СТО моментално нема критериуми со коишто ги определува своите членки како земји во развој или развиени земји, туку тоа го прават самите членки. Две третини од членките на СТО велат дека се економии во развој, вклучувајќи ги и втората по големина и петтата по големина економии во светот Кина и Индија. Воедно, во рамките на статусот на земји во развој, членките добиваат определени трговски привилегии. Поради тоа 80% од анкетираните потенцираат дека СТО треба да развие сет на критериуми според кои членките ќе може да се рангираат во двете групи: земји во развој и развиени земји.

Во врска со еден од главните принципи на СТО, „Принципот на најповолна нација“ и неговата потреба да се реформира, мислењата се поделени. Повеќе од половина од анкетираните, се согласуваат дека е неопходна реформа на принципот, со цел да стане пофлексибилен кон сите промени во трговската политика. Оддругастрана,некои помали земји веруваат дека „принципот на најповолна нација“ е единствена гаранција што ја имаат дека нема да бидат ограничени од трговските договори на поголемите економии. „Принципот на најповолна нација“ се смета за основа на мултилатералниот трговски систем, според кој членките на СТО се однесуваат еднакво меѓу себе со цел да имаат корист од најниските царини, највисоките увозни квоти и најмалку трговските бариери.


Според учесниците во Анкетата на Фондацијата Хинрих, Светската трговска организација е потребно да се прилагоди на најновите промени во глобалната трговија, засилувајќи ја улогата како водечка меѓународна организација којашто ги регулира трговските правила помеѓу нациите. Доколку се реализираат, овие реформи ќе ги засегнат сите членки на СТО, помалку или повеќе, вклучувајќи ја и Република Северна Македонија којашто е дел од организацијата од април 2003 година.


[1] “Defending the multilateral trading system: Survey findings on WTO reform”, Chuin Wei Yap, Hinrich foundation, April 2025