Фармацевтската компанија Алкалоид планира и во 2020 година да продолжи со развојот, успешните резултати, нови инвестиции и нови вработувања, како и посветеност на здравјето преку производство на производи со супериорен квалитет и применувајќи најсовремени производствени технологии и деловни стандарди.

Според Бизнис планот на компанијата, Алкалоид во новата 2020 година очекува вкупни консолидирани продажби од над 190 милиони евра, што е раст од 7% во однос на продажбите остварени во 2019 година.

Околу 86% од консолидираните продажби компанијата очекува да ги реализира од продажбата на фармацевтски производи, додека 14% од сегментот Хемија, козметика и билкарство.

Над 65% од вкупните приходи од продажба Алкалоид очекува годинава да ги оствари од извоз, додека 35% од продажби на домашниот пазар. Прв приоритет за компанијата и понатаму останува регионот, а втор приоритет се земјите од ЕУ, САД, Русија и земјите од ЗНД.

Најголемата фармацевтска команија годинава предвидува 10% поголема консолидирана добивка пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (EBITDA) и раст од над 10% на нето добивката во споредба со 2019 година.

 

Инвестицијата во нови производни погони вредна 11 милиони евра ќе овозможи зголемување на капацитетите за производство за најмалку 50%.

Алкалоид продолжува со нови инвестиции и годинава, а во бизнис планот за 2020 година се предвидува околу 14% од остварените консолидрани продажби да се инвестираат во инвестиции.

Во 2019 година Алкалоид започнаа со инвестиции во нови производни одделенија што ќе се простираат на површина од 7.000 м² и кои се изведуваат во согласност со строгите барања за Добра производствена практика (GMP).

“Ова ќе овозможи зголемување на капацитетите за производство за најмалку 50%, односно од сегашниот капацитет од речиси 2 милијарди таблети и капсули годишно, на повеќе од 3 милијарди парчиња цврсти фармацевтски форми”, велат од Алкалоид.

Вкупниот износ на инвестицијата е проценет на 11 милиони евра. Комплетирањето на оваа инвестиција, планирано за првата половина од 2020 година, ќе создаде услови за реализирање на околу 200 нови вработувања во сегментот Фармација.

За 2020 година предвидена е и финализација на проектот за гасификација на локалитетот Алкалоид – Ѓорче Петров со цел подобрување на енергетската ефикасност и намалување на штетни емисии во воздухот, проект вреден над 1 милион евра.

Следејќи ги плановите за раст и развој, во 2020 година Алкалоид планира да  реализира околу 100 нови вработувања во Македонија, како и 50-тина вработувања во друштвата во странство. Компанијата на крајот на 2019 година имала 1.620 вработени во земјата и 492 вработени во подружниците и претставништвата надвор од земјата.

Групацијата Алкалоид има две подружници во Македонија, како и 16 подружници и 2 претставништва во странство, односно во Србија, Црна Гора, Косово, Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Швајцарија, Бугарија, Турција, Украина, Русија и САД.