Wood & Company, реномираната инвестициска банка во својата најнова анализа за македонската фармацевтска компанија “Алкалоид” ги потврдува и анализира досегашните успешни резултати на компанијата и прогнозира раст на приходите и профитабилноста, како и раст на вредноста на акцијата.

Во анализата се посочува дека Алкалоид објавил солиден сет резултати во третиот квартал годинава со раст на приходите и добивката. Повикувајќи се и на очекувањата на менаџментот, аналитичарите на Wood & Company прогнозираат добри резултати и во четрвтиот квартал од 2023 година, со раст на продажбите на целните пазари на “Алкалоид” во ЕУ, но и на домашниот пазар, предводени од лансирање на нови производи, вклучувајќи и нови договори за лиценцирање .

Во анализата се потенцира дека “Алкалоид: во првите девет месеци успеал да реализира 75% од планираните приходи за цела 2023 година и 77%, односно 79%, од планираните EBITDA и нето добивка за годинава.

Од Wood & Company уште еднаш го потврдуваат нивниот став дека се исплати тековната стратегија на “Алкалоид” фокусирана на зголемување на капацитетот, како и на неговиот терапевтски опсег.

Во однос на акцијата на “Алкалоид”, аналитичарите ја потенцираат препораката за чување (HOLD) на акцијата, со оценка дека таа целосно ја одразува вредноста. Но, согласно проценките за зголемување на планираните производни капацитети, се уште има можност за раст на вредноста на акцијата од 2025 година натаму.

За ценовен таргет за акцијата на Алкалоид се наведува 18.763 денари за акција, што е повеќе од цената од 17.900 денари посочена при објавата на анализата на 31.10.2023 година. 

Алкалоид објави нето добивка во третиот квартал од 2023 од 522 милиони денари (раст од 6% на годишно ниво) со приходи од 4.059 милиони денари (раст од 5% на годишно) и EBITDA од 829 милиони денари (раст од 5% на годишно ниво)”, се вели во анализата на инвестициската банка Wood & Company, која е специјализирана за акционерски друштва чии акции котираат на берзите на растечките пазари во Југоисточна и Источна Европа.

Во споредба со првото полугодие од 2023 година, со раст на приходите од 18% на годишно ниво, динамиката забави во третиот квартал, што беше највидливо во растот на продажбата на антибиотици, кој забави на 5%, наспроти 51% во првата половина од 2023 година (антибиотиците претставуваат 25%-30% од вкупната продажба на Алкалоид). Во најголем дел ова е резултат на нормализирање на ланците на снабдување во Европа, но делумно сезонски („слаба сезона на инфекции“)”, се вели во најновата анализа, потенцирајќи ги очекувањата на менаџментот темпото да се забрза повторно во четвртиот квартал од 2023 година.

Во анализата се посочува дека приходите на домашниот пазар пораснале за 13% на годишно ниво (наспроти 8% во првата половина од 2023 година), поттикнати од неодамнешните лансирања на нови лекови, развиени дома и лиценцирани, кои имаат за цел да ја прошират покриеноста на клучните терапевтски области.

Продажбите во Западна Европа (на пример, ЕУ) го задржаа својот неодамнешен тренд на раст од + 21% на годишно ниво, исто како и во првото полугодие) – што, повторно, беше поттикнато од новите производи, но и новите зделки за надворешно лиценцирање. Романија продолжува силно да придонесува во продажбите, со поддршка од проширен тим за продажба во земјата, но раководството очекува растот низ целиот регион да продолжи овој квартал и во 2024 година”, пишува во анализата на Wood & Company.

Растот на продажбата на Алкалоид во регионот на Југоисточна Европа на Алкалоид стагнирала на годишно ниво, но сепак била за 5% поголема на годишно ниво во септември 2023 година, во согласност со неодамнешната динамика.

Се посочува дека продажбите во Источна Европа паднале за 8% на годишно ниво, по силниот раст од 58% на годишно ниво во првиот квартал, што делумно се објаснува со времето на испораките и депрецијација на рубљата, чија вредност во третиот квартал паднала за 14% во однос на еврото.

 “Генерално, раководството е задоволно од динамиката во регионот (особено во Украина и Ерменија) и очекува сличен резултат во апсолутна смисла (ова би значело околу 48% раст на годишно ниво во четвртиот квартал од 2023 година”, пишува во анализата.