Глобалната трговија со челик се соочува со значајни промени. Според анализата на истражувачката фирма „Вуд Мекензи“, се очекува глобалниот извоз на челик да се намали од 25% од производството денес на околу 12% до 2050 година, како резултат на регионализација на синџирите на снабдување, протекционистички политики и антидампинг давачки.

Кина: Од глобален лидер до вишок капацитет

Кина, која во 2024 година учествува со 49% од глобалната побарувачка за челик, ќе го намали својот удел на 31% до 2050 година, предвидува „Вуд Мекензи“. Причината е постепеното оддалечување од моделот на раст предводен од градежништвото, што ќе резултира со намалување на домашната побарувачка за 5–7 милиони тони годишно во наредната деценија.

„Кризата со прекумерен капацитет во Кина достигнува невидени нивоа“, вели Чарви Триведи, виш истражувачки аналитичар во „Вуд Мекензи“.

Индија и Југоисточна Азија: Нови двигатели на побарувачката

Додека Кина ја губи доминацијата, Индија и Југоисточна Азија се појавуваат како нови центри на раст. Индија ќе го зголем својот удел од 8% на 21% до 2050 година, поддржана од инфраструктурни проекти, проширување на производствените капацитети и раст во автомобилската и машинската индустрија.

Југоисточна Азија, предводена од Виетнам, Тајланд и Индонезија, ќе го удвои својот удел од 5% на 10%, поттикната од брза индустријализација и урбанизација.

Намалена трговија, ограничени инвестиции

Покрај падот на глобалниот извоз, аналитичарите предупредуваат дека вишокот капацитет и слабите маржи го попречуваат инвестирањето во „зелен челик“, особено во Европа и Кина. За да се забрза транзицијата кон производство со ниски јаглеродни емисии, потребна е посилна владина поддршка и појасна регулатива, нагласува Триведи.

Кои се предизвиците за македонските извозни компании?

Очекуваниот пад на глобалниот извоз на челик претставува предизвик за производителите и извозниците ширум светот. Во новата геопазарна реалност, регионализацијата, технолошката адаптација и одржливото производство ќе бидат клучни фактори за конкурентност.

Македонските компании што работат со челик и металопреработка треба да ги следат овие трендови внимателно — и да се позиционираат во синџири на вредност што се ориентирани кон блиски пазари, енергетска ефикасност и зелени технологии.

Во 2024 година, вредноста на извозот на челик и челични производи од Македонија изнесува околу 630 милиони долари, што го поставува овој сектор меѓу поголемите извозни индустрии. Извозот на железо и челик (HS72) лани изнесувал 417 милиони долари, а извозот на производи од железо и челик (HS 73) изнесувал 212 милиони евра.