Во текот на 2024 година, од Македонија на странските пазари биле извезени 37,7 илјади тони изолирани жици и кабли, во вкупна вредност од речиси 760 милиони евра (820 милиони долари). Тоа е рекордно најголем извоз на овие производи (HS code 8544), со годишен раст од 18,3% во споредба со извозот остварен во 2023 година. Обемот на извезени жици и кабли лани бележи годишен раст од 25%.

Извозот на изолирани жици и кабли учествувал со високи 9,8% во вкупниот извоз на Македонија во 2024 година и е втор најголем извоз од земјава, после извозот на катализатори за автомобили.

Станува збор за полупроизводи кои се произведуваат во слободните економски зони за реномирани европски автомобилски компании, најчесто по лон-систем — односно, сите компоненти и материјали се увезуваат од странство, а во земјава се врши монтажа и склопување на кабелски снопови, кои потоа се извезуваат во Европската Унија. Овие фабрики се трудоинтензивни и вработуваат значителен број лица, што е и најголемиот придонес за земјата домаќин.

Вториот најголем извозник од Македонија, германската компанија Кромберг и Шуберт, во Македонија произведува изолирани жици и кабли за многу познати автомобилски брендови. Извозот од нивната фабрика во Битола во 2024 година изнесувал 283 милиони евра, а таму биле вработени 5.709 лица. Компанијата пред неколку години отвори и втора фабрика во индустриската зона Бунарџик, каде што минатата година биле ангажирани 2.773 лица, со остварен извоз од над 108 милиони евра.
Покрај Кромберг и Шуберт, и други големи извозници произведуваат кабли за автомобилската и други индустрии, главно поради пониската цена на работната рака. Меѓу нив се Амфенол Технолоџи (околу 3 илјади вработени), Дрекслмајер (5.896 вработени) , Кемет, Џагатај Кабло и други.


Извозот на изолирани кабли и жици зголемен за 87% во последните осум години

Извозот на кабли и жици од Македонија бележи континуиран раст веќе десетина години, со исклучок на 2020 година, кога поради пандемијата на COVID-19 беше забележан пад. На пример, во 2017 година извозот на изолирани кабли и жици изнесувал 404 милиони евра (460 милиони долари), што претставува раст од 87,3% во последните осум години.

Според податоците од Worldtopexports, од земјите во регионот, само Србија е поголем извозник од Македонија, со извоз од над 2 милијарди долари во 2024 година. Истата година, Грција остварила извоз од 673 милиони долари, Бугарија 633 милиони, Хрватска 540 милиони, а Босна и Херцеговина 389 милиони долари.

Фото: Фејсбук страна Дрексмајер Македонија