Во текот на изминатата 2020 година глобално се извезени производи во вредност од 17,3 трилиони долари, што е пад од 7,6% во споредба со вредноста на извозот остварен во 2019 година, покажуваат податоците од Worldtopexports.
Најголеми 10 извозни економии минатата година биле Кина, САД, Германија, Јапонија, Холандија, Хонг Конг, Јужна Кореја, Италија, Франција и Белгија. Заедно, сите овие 10 извозно ориентирани економии создале повеќе од половина или 52,3% од вкупниот извоз на сите земји.
Вкупниот бруто домашен производ (БДП) по основ на паритет на куповната моќ за сите земји лани изнесувал 131.656 трилиони долари во 2020 година.
Следствено, извезените стоки учествуваале со 13,1% од вкупниот светски бруто домашен производ во текот на 2020 година. Тој процент се споредува со 13,9% една година порано, што укажува на релативно опаѓачката важност на извезените стоки во однос на светските економски перформанси.
До јули 2021 година, населението на Земјата изнесувало околу 7,9 милијарди. Применувајќи ја таа мерка, вкупниот глобален извоз од 17,309 билиони долари во 2020 година се преведува на приближно 2,200 американски долари за секој човек на планетата.
Кои се најголемите извозници во регионот?
Ако се гледа во регионот, најголеми извозни економии минатата 2020 година биле Словенија, Грција,Бугарија, Србија, Хрватска, Македонија, БиХ и Албанија.
Малата Словенија со околу 2 милиони жители имала извоз вреден 37,47 милијарди долари, според што била 53 најголем извозник. Лани во пандемиската 2020 година се словенечкиот извоз се намалил за само 0,3%.
Грција е втор најголем извозник со извоз вреден 35 милијарди долари, според што е 55-ти најголем извозник во светот. Извозот од Грција лани се намалил за 7,4%.
Трета е Бугарија, која во изминатата 2020 година имала извоз вреден 31,8 милијарди долари, со што земјата била 58 најголем извозник во светот. Бугарскиот извоз лани се намалил за 4,4%.
Четврт најголем извозник од регионот е Србија со извоз вреден 19,4 милијарди долари и била 68 најголем извозник во светот. Српскиот извоз лани се намали за само 0,9%.
Следи Хрватска со извоз вреден близу 17 милијарди долари, според што земјата лани била 70-ти најголем извозник во светот.

Наскоро: Специјална едиција ТОП 100 ИЗВОЗНИЦИ 2021

Македонија лани имала шести по вредност извоз од регионот од 6,6 милијарди долари, речиси шест пати помалку од Словенија со иста територија и ист број на жители. Според ланскиот извоз Македонија била 96-ти најголем извозник во светот. Македонскиот извоз лани се намалил за 7,7%.
Следат БиХ ( 100.) и Албанија (130.) кои лани имале извоз во вредност од 6,1 милијарда долари и 2,5 милијарди долари.