Европската централна банка (ЕЦБ) ќе ја заврши својата програма за стимулативен откуп на државни обврзници на почетокот на третиот квартал од оваа година, по што планира да ги зголеми каматните стапки, изјави во средата во Љубљана претседателката на ЕЦБ Кристин Лагард.

Лагард во Љубљана присуствуваше на свечената прослава на 30-годишнината од независната словенечка централна банка, а во својот говор ги коментираше актуелните очекувања во однос на зголемената инфлација во Европа и каматната политика на ЕЦБ.

„Првото зголемување на каматната стапка ќе следи некое време по завршувањето на нето откупот на обврзниците, што може да значи во рок од неколку недели потоа“, рече Лагард.

По првото зголемување на каматната стапка, процесот на нормализирање ќе се одвива постепено, најави таа.

Таа, исто така, предупреди на зголемената инфлација, потенцирајќи дека војната во Украина предизвикува „структурни промени“, кои може да доведат до „понатамошни негативни шокови во понудата“ и да го засилат притисокот врз трошоците и цените.

Во сегашното економско опкружување, голема е веројатноста претходната динамика со ниска инфлација да не се врати, па соодветно е политиката да се прилагоди на тоа и да се врати во понормални рамки, рече Легард.

Таа предупреди дека ниските трошоци и инвестициите во еврозоната остануваат на нивоата пред кризата.
Во такво опкружување, посветеноста и флексибилноста ќе бидат клучни, рече таа за идната монетарна политика на ЕЦБ.

Извор: Seebiz