Чешката Локо Транс ќе гради фабрика за вагони во Скопје

 

Чешката компанија Локо Транс ќе инвестира 15 до 20 милиони евра во нова фабрика која ќе се произведуваат транспортни шински возила, односно вагони кои ќе се извезуваат низ целиот свет.

За таа цел, Локо Транс која веќе подолго време е присутна во земјава, потпиша и договор со Владата за користење на државна помош преку мерките од Планот за економски раст.

Сопственикот и извршен директор на Локо Транс, г. Карел Јалови, посочи дека и покрај тоа што се присутни во Република Северна Македонија повеќе години и имаат основано две фирми во земјата, потпишувањето на договорот за државна помош е првиот конкретен чекор кон реализација на новата инвестиција на чешката компанија.

Компанијата Локо Транс е основана во 1990 година и се занимава со производство на железнички вагони и локомотиви.  Има капацитети во повеќе држави, во Чешка, Словачка, Италија, Бугарија, Србија, Аргентина, а ги покриваат пазарите на Европа, на Блискиот Исток, на Азија, на Латинска Америка и на Африка.

Планирано е во фабриката да се отворат 250 до 300 нови работни места. Изградбата на фабриката се очекува попчне во првата половина од 2020 година и да биде завршена за 12 до 15 месеци. Производниот процес во фабриката ќе биде комплетен, односно од почеток па се до готов производ.

Локо Транс е присутна во Македонија преку своја фирма уште од 2011 година, кога изрази изрази интерес за влез на транспортниот железнички сообраќај, но либерализацијата во овој сегмент се уште се одложува, со што единствен кој има монопол за транспорт со железниците е државната Македонски Железници Транспорт.

Локо Транс исто така и во 2016 година најави дека ќе инвестира во земјава во производен капацитет и логистички центар, инвестиција која ја најави и екс-премиерот Никола Груевски, но досега не се реализираа тие најави.