Претставниците на вработените во најголемиот светски добавувач за автомобилската индустрија, германскиот Bosch, повикуваат на заеднички пристап за справување со падот на нивната индустрија. Тие бараат брзо и задолжително спроведување на регулативите од типот „Произведено во Европа“.
Претставниците на работниците во Bosch побараа политичка акција на ниво на ЕУ за да се спречи губењето на работни места во автомобилската индустрија преку изготвување регулативи за поттикнување на локалното производство.
„Трансформацијата на нашата индустрија ќе успее само ако ги задржиме создавањето вредност и работните места во Европа“, изјави Франк Сел, шеф на општиот работен совет во одделот за мобилност на Bosch, кој застапува околу 70.000 германски работници.
Bosch укинува 13.000 работни места во својата основна дејност поврзана со автомобилската индустрија до крајот на деценијата.
Ова е дел од бранот отпуштања во секторот, додека производителите на автомобили како Volkswagen, BMW и Mercedes-Benz се соочуваат со кинеската конкуренција, царините и високите трошоци за производство.
Сел побара „јасни правила за ознаката ‘Произведено во ЕУ’, кои ќе им го дадат потребното време за да станат конкурентни“.
Европската комисија разгледува трговски мерки што би можеле да ја заштитат локалната индустрија од кинеските производители на автомобили со ниски цени, како што се BYD и Chery , кои сè повеќе бараат можности за раст во Европа бидејќи кинескиот пазар забавува.
Се очекува лидерите на ЕУ следниот месец да разговараат за растечкиот трговски дефицит на блокот со Кина.
ИзвозМК веќе пишуваше дека кризата во германската автомобилска индустрија сè посилно ги погодува и добавувачите, кои се соочуваат со намалени нарачки, затворање производствени локации и растечки притисок врз работните места.
Прочитајте повеќе:
Кризата во германската автоиндустрија се продлабочува – под удар и добавувачите
Германската индустрија изгуби 177.000 работни места за една година, најмногу во автомобилскиот сектор
Volkswagen би можел да произведува кинески модели во Германија























