Македонската градежна компанија Гранит го потпиша договорот за изградба на автопатот кон Косово, во вредност од 221,5 милиони евра (13,6 милијарди денари). Компанијата ќе го предводи конзорциумот од четири фирми кои ќе работат на реализацијата на проектот.
Договорот со Јавното претпријатие за државни патишта предвидува изградба на автопат од мрежата TEN-T, на делницата од Скопје до границата со Косово. Рокот за изведба е 1.460 дена, односно четири години од воведувањето во работа.
Според финансиската конструкција на проектот, најголем дел од инвестицијата, 167 милиони евра, ќе биде финансиран со кредит од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Дополнителни 30,8 милиони евра се грант обезбеден преку Инвестициската рамка за Западен Балкан на Европската Унија, додека преостанатите околу 23 милиони евра треба да бидат обезбедени од државниот буџет.
Пет тунели и девет мостови на тежок планински терен
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, минатиот месец информираше дека станува збор за исклучително сложена и скапа автопатска делница поради конфигурацијата на теренот.

„Теренот е ридско-планински и дел е од масивот на Скопска Црна Гора. Ова е исклучително тежок терен за изведба. Затоа во проектот се предвидуваат пет тунели со по две цевки, при вкупна должина на тие цевки од околу пет километри. Девет мостови со должина од 2,5 километри, четири галерии за стабилизација на косини во должина од еден километар и девет потпорни ѕидови за стабилизација на косините“, изјави Трајановски за време на потпишувањето0 на Договорот за грант со ЕБОР.
Обемот на предвидените инфраструктурни објекти покажува дека станува збор за една од технички посложените патни инвестиции во земјава. Тунелите, мостовите и објектите за стабилизација на теренот сочинуваат значителен дел од трасата, што влијае и врз високата вредност на проектот.
Автопатот Скопје-Блаце е во вкупна должина од 12,5 километри, а од мај 2020 година на терен се одвиваат активности за првата фаза, во должина од 2,5 километри.
Автопатот важен и за трговијата со Косово
Изградбата на автопатската врска има значење и за економските односи меѓу Македонија и Косово. Косово е еден од позначајните трговски партнери на земјава и пазар со кој Македонија остварува висок трговски суфицит.
Минатата година во Косово биле извезени стоки во вредност од околу 356 милиони евра, додека увозот изнесувал 93 милиони евра. Тоа значи дека Македонија остварила трговски суфицит од околу 263 милиони евра во размената со Косово.
Новата автопатска врска треба да овозможи побрз и поефикасен транспорт на стоки и патници, што е особено значајно за домашните компании кои извезуваат на косовскиот пазар.
Патниот правец е дел од поширокото регионално транспортно поврзување, кое треба да ја подобри поврзаноста на Македонија со Косово, но и пристапот кон јадранските пристаништа Драч во Албанија и Бар во Црна Гора. Подобрата патна инфраструктура на овој коридор може да придонесе за намалување на времето и трошоците за транспорт и за подобрување на конкурентноста на компаниите од регионот.
Проект што се планира две децении
Автопатското поврзување на Скопје со Косово се планира речиси две децении. Канцеларијата на ЕБОР во Скопје уште во 2022 година соопшти дека банката ќе обезбеди кредит од 167 милиони евра, заедно со грант од Европската Унија, за изградба на преостанатиот дел од автопатската врска.
Со потпишувањето на договорот со изведувачите, проектот влегува во нова фаза, а според договорениот рок, изградбата треба да трае четири години од официјалното воведување на конзорциумот во работа.
„Гранит“, кој ќе го предводи конзорциумот, е една од најголемите и најстарите македонски градежни компании. Компанијата постои повеќе од седум децении и во своето работење има учествувано во изградба на голем број инфраструктурни и градежни проекти во земјава и во странство.
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ:
Грант од 30,8 милиони од ЕУ за автопатот помеѓу С.Македонија и Косово, финансиран од ЕБОР
























