Гглобалните цени на храната ќе пораснат за 11,6% оваа година, со понатамошно зголемување од 4,8% за 2027 година, покажува новиот извештај на осигурителната компанија за кредити Atradius.
Извештајот на Atradius, „Како геополитичките и климатските прашања ја притискаат прехранбената индустрија“, истражуваше како растечките цени и променетото однесување на потрошувачите влијаат врз кредитниот ризик во некои сегменти од прехранбената индустрија, додека повисоките трошоци за влезни материјали – поттикнати од континуираниот конфликт на Блискиот Исток – продолжуваат да вршат притисок врз производителите, преработувачите, трговците на мало и домаќинствата.
„Од маржите на земјоделството до полиците во супермаркетите, влијанието на конфликтот во Заливот може да се почувствува низ целиот синџир на производство на храна“, забележа Atradius.
„Затворањето на Ормутскиот теснец доведе до зголемување на цените на енергијата и ѓубривата, директно влијаејќи врз глобалното производство и цените на храната. […] Покрај тоа, растечките трошоци за енергија се чувствуваат во секој чекор од производството на храна, од садење и берба до преработка, складирање и транспорт“
Проблемот се влошува од неповолните временски услови, при што екстремните температури доведуваат до намалени приноси на земјоделски култури и земјоделско производство и во Европа и во САД.
Како што е наведено, на почетокот на јуни, повеќе од половина од САД се соочуваа со услови на суша, што влијаеше на околу 250 милиони хектари обработливо земјиште. Во Западна Европа, пак, се очекува продолжената топлина и суша да ја зголемат инфлацијата на цените на храната за повеќе од 1% следната година, потенцијално дури и до 3%.
Силниот Ел Нињо во Пацификот, исто така, веројатно ќе ја наруши земјоделската трговија со намалување на жетвите и стеснување на снабдувањето со храна, особено на пазарите во развој.
Конфликтот во Украина, кој сè повеќе вклучува блокади на пристаништата, терминалите за товарење и критичната инфраструктура, исто така, ја зголемува неизвесноста, се додава во него.
Одговор на потрошувачите
Како одговор на овие зголемени трошоци, потрошувачите се сведуваат на поевтини брендови, бараат промоции и даваат приоритет на основните купувања, додека производите со приватна етикета и дисконтите исто така добиваат пазарен удел.
„Ова го забрзува трендот што веќе го гледавме“, коментираше Шерон Бенфер, виш осигурител на „Атрадиус“. „Уште пред сегашниот нагол раст на цените, потрошувачите во САД и Европа покажаа поголема чувствителност на цените на прехранбените производи. Ова е одраз на т.н. ‚замор од цените‘, бидејќи цените остануваат структурно повисоки од нивоата пред пандемијата, и покрај тоа што цените на храната неодамна почнаа да опаѓаат.“
Според „Оксфорд економикс“ (Oxford Economics), глобалните цени на храната пораснале за 29,9 % во 2021 година во споредба со претходната година, по што следел раст од 14,2 % во 2022 година. Сепак, во следните три години е забележан пад: од 9,2 % во 2023 година, 7,6 % во 2024 година и 5,7 % во 2025 година.
Како поскапувањата ќе се одразат врз македонската прехранбена индустрија?
Раст на глобалните цени на храната може да донесе нов притисок и врз македонската прехранбена индустрија, која е зависна од увозни суровини и репроматеријали.
Поскапите енергенти, ѓубрива, земјоделски суровини, амбалажа и транспорт директно ги зголемуваат трошоците, како на земјоделците, така и на преработувачите.
Бидејќи компаниите веќе немаат голем простор да ги пренесат овие зголемени трошоци врз крајните потрошувачи преку повисоките цени, тоа би значело дополнителен притисок врз нивните профитните маржи.
Поскапувањето на храната во Европа може да уште повеќе да ја зголеми чувствителноста на потрошувачите на цените, што ќе се одрази преку поголема побарувачка за поевтини производи, приватни трговски марки и промотивни понуди.
Токму тука може да се отвори простор за дел од македонските компании. Ако европските трговци и дистрибутери бараат поконкурентни и географски поблиски добавувачи, македонските прехрнабени компании би можеле да се позиционираат како алтернатива за одредени категории храна.
Особен потенцијал може да имаат производителите на преработено овошје и зеленчук, конзервирана храна, кондиторски производи и други традиционални производи што можат да се пласираат и како приватни трговски марки.
Растот на глобалните цени сам по себе не гарантира поголема заработка за компаниите. Ако трошоците за суровини, енергија и транспорт растат побрзо од извозните цени, маржите може дополнително да се намалат.
Оттука, од најголема корист за компаниите во претстојниот период на раст на цените би биле подостапни и поевтини домашни суровини, пониски трошоци за енергенси и стабилни договори со странските купувачи.
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ:
Светските цени на храната на највисоко ниво од 2022 година
Серафимовски: Македонија мора да произведува повеќе домашна храна и да ја намали зависноста од увоз
ФАО: Светот се соочува со нови зголемувања на цените на храната
Топ 30 извозни пазари за македонската храна: Кои пазари растат најбрзо?






















