Цената на бензините од полноќ се намалува за три денари, одлучи Регулаторната комисија за енергетика.

Малопродажните цени на дизелот и Екстра лесното масло за домаќинство остануваат непроменети.

Според тоа, новата цена на Еуросупер БС-95 ќе биде 102,5 денари за литар, а Еуросупер БС-98 ќе се продава по цена од 104,5 денари за литар. Цената на дизелот останува непроменета 100 денари за литар и на Екстра лесното масло за домаќинство 98 денари за литар. Цената на мазутот ќе биде 50,903 денари за килограм. 

Со оваа одлука на Регулаторната комисија се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,13%.

“Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување кај бензините во просек за 6,272% или за 77,700 $/тон, кај дизелот намалување во просек за 2,286% или за 26,650 $/тон, кај екстра лесното масло намалување во просек за 1,722 % или за 19,500 $/тон и
кај мазутот намалување во просек за околу 3,656% или за 21,300 $/тон, поради што во структурата на цените на нафтените деривати е извршено соодветно прилагодување.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период, во просек изнесува 60,8843 ден/$ и е за околу 1,742 % повисок од курсот на доларот (59,8416 ден/$) по кој беа формирани цените со претходната пресметка”, објаснуваат од Регулаторна.