Но, позитивниот тренд за меѓународната трговија наскоро може да заврши во услови на заострување на политиките и геополитичките судири.

Вредноста на глобалната трговија се искачи на рекордни 7,7 трилиони долари во првиот квартал од 2022 година, што претставува зголемување од околу 1 трилиони долари во однос на првиот квартал од 2021 година, покажува најновиот извештајот Global Trade Update на УНКТАД .

Растот, кој претставува пораст од околу 250 милиони долари во однос на четвртиот квартал од 2021 година, е поттикнат од растот на цените на суровините, бидејќи обемот на трговијата се зголеми во многу помал степен.

Иако се очекува да остане позитивен, растот на трговијата продолжи да забавува во текот на вториот квартал од 2022 година.

Војната во Украина почнува да влијае на меѓународната трговија, главно преку зголемување на цените“, се вели во извештајот.

Се додава дека зголемувањето на каматните стапки и прекинот на пакетите за економски стимулации најверојатно ќе имаат негативно влијание врз обемот на трговијата за остатокот од 2022 година.

Нестабилноста на цените на суровините и геополитичките фактори, исто така, ќе продолжат да го прават неизвесен трговскиот развој.

Растот на трговијата е силен и за развиените и за земјите во развој

Според извештајот, стапките на раст на трговијата во првиот квартал од 2022 останале силни во сите географски региони, иако нешто пониски во регионите на Источна Азија и Пацификот.

Растот на извозот е генерално посилен во регионите што извезуваат стоки, бидејќи цените на стоките се зголемија.

Трговијата со стоки достигна околу 6,1 трилиони олари, што претставува зголемување од околу 25% во однос на првиот квартал од 2021 година и скок од околу 3,6% во однос на четвртиот квартал од 2021 година.

Вредноста на извозот на стоки од земјите во развој беше за околу 25% повисока во првиот квартал од 2022 година отколку во првиот квартал од 2021 година. За споредба, оваа бројка е околу 14% за развиените земји.

Трговијата со стоки меѓу земјите во развој, исто така, силно порасна во првиот квартал од 2022 година

Трговијата со услуги порасна на околу 1,6 трилиони долари, што претставува зголемување од околу 22% во однос на првиот квартал од 2021 година и пораст од околу 1,7% во однос на кварталот 4 2021 година.

Значителни зголемувања низ секторите

Извештајот покажува дека повеќето економски сектори забележале значителни зголемувања од година во година на вредноста на нивната трговска размена во првиот квартал од 2022 година.

Високите цени на горивата стојат зад силниот пораст на вредноста на трговијата во енергетскиот сектор.

Натпросечниот раст на трговијата има и кај металите и хемикалиите, исто заради повисоките цени.

Спротивно на тоа, трговијата во транспортниот сектор и со комуникациска опрема остана под нивоата од 2021 и 2019 година.

Забавен економски раст, војната во Украина затемнети изгледи

Во извештајот се вели дека светската трговија за остатокот од 2022 година најверојатно ќе биде под влијание на побавниот економски раст од очекуваниот поради зголемувањето на каматните стапки, инфлаторните притисоци и загриженоста за одржливоста на долгот во многу економии.

Во извештајот се наведува дека војната во Украина влијае на меѓународната трговија со тоа што врши дополнителен нагорен притисок врз меѓународните цени на енергијата и примарните производи.

На краток рок, поради нееластичната глобална побарувачка за храна и енергетски производи, зголемувањето на цените на храната и енергијата најверојатно ќе резултира со повисоки трговски вредности и маргинално помал трговски обем.

Други фактори кои се очекува да влијаат на глобалната трговија оваа година се постојаните предизвици за глобалните синџири на снабдување, трендовите на регионализација и политиките кои ја поддржуваат транзицијата кон позелена глобална економија.