Во првите пет месеци годинава од Русија во Македонија се увезени стоки вредни 196 милиони долари, што е близу четири пати повеќе во споредба со истиот период од 2021 година. Колку за споредба, вредноста на увозот од Русија во текот на целата измината 2021 година изнесувала 176,4 милиони долари.
Тоа значи дека во првите пет месеци од 2022 година за увоз на стоки од Русија сме платиле повеќе отколку во целата 2021 година.
Причината за тоа се крие во растот на цените на нафтата и гасот на светските берзи кој се случи по војната инвазија на Русија во Украина.
Имено, статистичките податоци покажуваат дека во периодот јануари-мај годинава од Русија сме увезле минерални горива, односно нафта и гас, во вредност од 154 милиони долари, додека во текот на целата година увозот изнесувал 120,5 милиони долари.
Ако се анализираат количините на увезени стоки од Русија, растот е далеку помал, односно во првите пет месеци годинава обемот на увезени стоки од Русија е поголем за 36% во споредба на увозот на стоки направен во текот на истиот период во 2021 година.
Сепак, увозот на минерални горива од Русија има релативно мал удел од околу 15% во вкупниот увоз на минерални горива во Македонија чија вредност во првите пет месеци изнесува нешто над 1 милијарда долари.
Најголем е увозот од Грција, во вредност од 447 милиони долари во првоте пет месеци. Следи Бугарија од каде во првите пет месеци во земјава биле увезени минерални горива вредни 159 милиони долари, додека Русија е трет по големина увозен пазар со вредност од 154 милиони долари.
Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи во март годинава изјави дека граѓаните кои се снабдуваат со нафтени деривати од руски компании во земјава индиректно ја финансираат руската армија.
“Руската Федерација, главно се финансира преку извори на енергија. Доминантните приходи на Руската Федерација се од готови енергетски ресурси. Секако дека со нивното купување се финансира руската армија, таму нема дилема“, нагласи Османи во емисијата КликПлус на ТВ21.
Извозот во Русија во првите пет месеци намален за 19,7%
Во истиот период, пак, на рускиот пазар се извезени македонски стоки вредни 20,6 милиони долари, што е за 19,7% помалку во споредба со истиот период лани.
Најголем удар има врз извозот на земјоделски производи, како и извозот на лекови, кои традиционално беа најизвезувани производи во последните неколку години.
Македонија е 100% зависна од руски гас
И додека кај увозот на нафтени деривати Македонија има диверзфикација на увозот, кога станува збор за увозот на природен гас, земјата е 100% зависна од руски гас.