Драстично намален товарниот превоз низ македонските железници, бизнисот бара либерализација!

Заради лошата состојба во која се наоѓа железницата, секоја година се помалку стоки се превезуваат преку железничкиот транспорт, кој важи за најевтин.

Во текот на изминатата 2018 година преку железничкиот транспорт биле превезени 1,6 милиони тони стока. Во споредба со 2012 година количините на превезени стоки преку железницата се намалени за 35% или во 2012 година преку железницата биле превезени 2,5 милиони тони.
Ако се спореди, пак, со 2008 година кога низ македонските железници се превезувале на 4,2 милиони тони стока, намалувањето за овој десетгодишен период е два и пол пати.

Податоците покажуваат дека преку македонските железници сега најмногу се превезуваат метални производи, опрема која се користи во транспорт на стоки, метални руди и нафтени деривати.

Бизнис заедницата веќе подолго време бара да се либерализира железничкиот транспорт и да се дозволи влез на приватни оператори, кои би имале финансиски капацитет да инвестираат. Македонија, Албанија и Косово се единствените три земји во регионот кој го немаат либерализирано железничкиот транспорт.

Консултантска куќа во моментов изработува студија за преструктурирање на Железници на РСМ – Транспорт, која што наскоро треба да ги достави до Владата моделите за преструктуирање на единствениот транспортен оператор во земјава.

Моментално монополот врз железничкиот транспорт го има Македонски железници Транспорт (Железници на С.Македонија Транспорт) , кој со години работи со загуба и нема речиси никакви финансиски капацитети за инвестиции и модернизација на железничкиот  транспорт.

Македонски железници транспорт е државна компанија со најголема загуба. Само во 2018 година компанијата работела со загуба 7,83 милиони евра, а загубата за претходната 2017 година изнесува 8,16 милиони евра.

Оваа државна компанија иако за целото време работи во монополски услови, досега има акумулирана загуба од 70,7 милиони евра и вкупни обврски кои достигнуваат 90 милиони евра.