Европската комисија го одобри преземањето на германскиот DB Schenker од страна на данскиот DSV.
Данскиот логистички гигант доби одобрение од Европската Унија да го преземе германскиот оператор DB Schenker. Трансакцијата е вредна 14,3 милијарди евра.
Европската комисија вчера објави дека ја одобрила трансакцијата, наведувајќи дека таа не претставува никакви проблеми со конкуренцијата, објавува Тrans.info.
“Трансакцијата не предизвикува загриженост со оглед на фрагментираната природа на овие пазари и постоењето на многу алтернативни добавувачи на кои клиентите би можеле да се префрлат по нејзиното завршување“, се вели во соопштението на ЕК.
DSV ја објави својата намера да го преземе DB Schenker во септември минатата година.
Здружената група, која ќе се натпреварува со DHL Logistics и швајцарскиот Kuehne + Nagel, меѓу другите, отвора ново поглавје во логистичката индустрија.
Оваа зделка ќе го катапултира DSV во една од најголемите светски фирми за шпедиција и управување со синџирите на снабдување. И покрај поголемиот обем во своето работење, новиот субјект ќе има само 6-7 % удел на глобалниот, високо фрагментиран логистички пазар.
Спојувањето сè уште бара одобрение од американските органи за конкуренција.
DSV минатиот месец изјави дека очекува да го склучи договорот во вториот квартал од оваа година.
Спојувањето на DSV и DB Schenker ќе донесе трет најголем играч на македонскиот логистички пазар
И двете компании DSV и DB Schenker работат на македонскиот логистички пазар, а нивното спојување би резултирало со еден од трите најголеми играчи на пазарот.
Имено според рангирањето “Кој е кој македонскиот пазар на транспорт и логистика” објавено во последната едиција ТОП 100 ИЗВОЗНИЦИ, компанијата DSV во Македонија во 2023 година работела со приходи од 11,8 милиони евра и била седма најголема логистичка компанија на македонскиот логистички пазар.
ДБ Шенкер, пак, истата година работела со приходи од 9,5 милиони евра и била осми најголем играч на пазарот.
Со нивното спојување, новата фирма која евентуално би се формирала, би била трет најголем играч на на македонскиот логистички пазар, после Фершпед и Мултишпед, а малку поголем од Кине Нагел Македонија.