Македонската компанија за производство на месни преработки “Пекабеско” објави дека во првите три месеци од годинава работела со вкупни приходи од продажба од 18,5 милиони евра, кои се за 15% поголеми во споредба со истиот период 2021 година.
Најголемиот дел од приходите од продажба на Пекабеско или 87% се остварени од продажби на домашниот пазар, кои во првите три месеци од 2022 година се зголемени за 15% и изнесувале 16,2 милиони евра.

Приходите продажба на странски пазари на Пекабеско во првиот квартал се зголемени 16%, достигнувајќи 2,38 милиони евра.

Оперативните расходи на Пекабеско минатата година бележат раст од 17%, и изнесувале изнесувале 18,53 милиони евра, при што најголем раст од 19% има кај трошоците за суровини и материјали, како и кај трошоците за вработени кои се зголемени за 16% во однос на истиот период лани и набавната вредност на трговските стоки која е поголема за 17%.

Пекабеско информира дека во првите тримесеци годинава работел со добивка од близу 248 илјади евра, која е за 35% помала во споредба со истиот период лани, кога компанијата работела со профит од 381 илјада евра.

Од компанијата потенцираат дека главните причини за намалената профитабилност се замрзнатите продажни цени со одлука на Владата во периодот од 1 декември 2021 година до 28 февруари 2022 година, порастот на трошоците за енергија од 200% во однос на минатата година, како и растот на сите набавни цени за сурпвините и материјалите. Исто така, од компанијата објаснуваат дека заради појавата на Африканска чума биле во неможност да извезуваат на некои од нивните извозни пазари.

Од компанијата информираат дека во првите три месеци годинава инвестирале 3,5 милиони денари, главно во производствена и транспортна опрема.
Вкупната задолженост на крајот на март годинава изнесувала 331 милиони денари (5,54 милиони евра) и во споредба со состојбата од минатата година бележи намалување од 34%.
Компанијата Пекабеско е меѓу 100-те најголеми извозници во земјата, која според извозот во 2020 година се најде 55-то место на листата Топ 100 Извозници.