Македонските компании во првите пет месеци годинава во земјите на ЕУ извезле производи во вредност од 1,5 милијарди евра, што е 76% од вкупниот извоз на земјата во истиот период.
Извозот во периодот јануари –мај годинава е помал за 29,1% во споредба со истиот период лани или македонските компании извелзе 612 милиони евра помалку производи во ЕУ годинава во споредба со истиот период лани.
Увозот, пак, од ЕУ во првите месеци изнесувал 1,3% милијарди евра (48% од вкупниот увоз на земјата) и е помал за 23,5% во споредба со истиот период лани.
Најголемиот дел од извозот бил насочен кон Германија, каде во првите пет месеци годинава биле извезени производи вредни 827 милиони евра, што е за 36% или 467 милиони евра помалку во споредба со истиот период лани. Увозот од Германија во овој период бележи пад од 26,2%.
Извозот во Германија во најголем дел отпаѓа на извозот на автомобилски делови за германската автомобилска индустрија, која во изминатиов период е силно погодена од намалената продажба на автомобили, што услови намалување и на нарачките за фабриките кои работат во земјава.
На вториот најголем извозен пазар од земјите членки на ЕУ, Бугарија, сме извезле далеку помалку, или 105 милиони евра, што е за 14% или 17 милиони евра помалку од лани.
Во Грција, третиот најголем европски пазар за македонските извозни компании, во првите пет месеци годинава се извезени производи во вредност од 64 милиони евра, што е пад од 12,6% или 9,2 милиони евра.
Велика Британија со извоз од 63 милиони евра е четврт најголем извозен пазар во ЕУ, каде во првите пет месеци годинава извозот е поголем за 9,6% или за околу 5,5 милиони евра.
По растот на извозот од 39% во првите пет месеци годинава, Холандија е петти најголем извозен пазар, каде во овој период се извезени производи во вредност од 62 милиони евра или 17 милиони повеќе во споредба со истиот период лани.