Извозот од Македонија во САД во првите пет месеци годинава бележи годишен раст од 218%, достигнувајќи вредност од 45,6 милиони долари, што е најголем процентуален раст на македонскиот извоз во овој период.
Во истиот период лани, во САД биле извезени стоки во вредност три пати помала, односно само 14 милиони долари, додека за целата 2020 година извозот изнесувал 49,7 милиони долари.

Ако се анализираат податоците од Државниот завод за статистика, заклучокот е дека големиот раст на извозот се должи на еден производ, феро никелот. Станува збор за феролегура која ја произведува Еуроникел Индустри или поранешен Фени од Кавадарци. Минатата година феро никелот воопшто го нема на листата на најизвезувани производи од земјава во САД, што значи дека растот на извозот најверојатно се должи за нов пазар за пласман.

Според податоците од Државниот завод за статистика, во првите пет месеци годинава на американскиот пазар е извезен феро никел во вредност од 34,4 милиони долари, што е над 75% од вкупниот извоз.

Втора извозна ставка се изолирани жици со извоз од 2,2 милиони долари, следуваат автоделови со извоз од 1,8 милиони долари и производи од зеленчук и овошје со извоз од 1,2 милиони долари, кои главно отпаѓаат на продажба на македонски ајвар.

Минатата година најголема извозна ставка на американскиот пазар бил тутунот со извоз вреден 19 милиони долари. На второ месо биле изолирани жици со извоз вреден 6,5 милиони долари, а трет најизвезуван производ во САД бил ајварот со извоз од 4 милиони долари.

Според големината на трговската размена, САД се 13-ти по големина трговски партнер на македонската економија во првите пет месеци годинава.

Увозот од САД во истиот период изнесувал 104 милиони долари и е зголемен за само 0,6%.