И покрај проблемите кои ги предизвикаа енергетската криза и војната во Украина, вредноста на извозот на македонската индустрија за преработки од овошје и зеленчук продолжува да расте.

Според податоците на Државниот завод за статистика во изминатата 2022 година од Македонија биле извезени преработки од овошје и зеленчук во вредност од 79,3 милиони евра, што е раст од 17,3% или за 11,7 милиони евра повеќе во споредба со 2021 година.

Статистиката покажува дека биле извезени околу 46 илјади тони на преработки од овошје и зеленчук, кои бележат зголемување од 3% во споредба со извезените количини во 2021 година, што значи дека поголем дел од растот се должи на растот на цените.

Македонската индустрија за преработки од овошје и зеленчук се покажа како исклучително жилава во криза и бележи континуиран раст на извозот во последните 10 години.

Извозот остварен минатата година е најголем извоз на преработки од овошје и зеленчук од земјава во последните 10 години, гледано и вредносно и количински. За споредба, извозот на овие производи лани бил повеќе од двојно поголем (+113%) во споредба со извозот на, пример, во 2013 година, кога биле извезени преработки во вредност од 37,2 милиони евра. Но, уште позначајно е што ова е нето извозна индустрија, односно повеќе извезува, отколку што увезува, со оглед на фактот што користи во најголем дел домашни суровини.
Извозот на преработки од зеленчук и овошје е поголем од увозот, кој лани изнесувал 44,5 милиони евра.

Во групата на преработки од овошје и зеленчук влегуваат производи како ајвар, зеленчуци и овошја конзервирани на разни начини, потоа овошни компоти, џемови, мармелади, сокови, или производи од групата на тарифни броеви 2001 до 2009.

Податоците покажуваат дека дури две третини или 47 милиони евра од вкупниот извоз на преработки од овошје и зеленчук од земјава минатата 2022 година отпаѓа на продажбата на ајвар на странските пазари.

Топ 20 најголеми извозни пазари

Македонските преработки од зеленчук и овошје лани се извезувале на 59 пазари. Во 17 земји е остварен извоз поголем од 1 милион евра.
Гледано по земји, македонските преработки од зеленчук и овошје во 2022 година најмногу се продавале во Србија. Извозот кај нашиот северен сосед минатата година изнесувал 15,5 милиони евра.

Втор најголем извозен пазар била Хрватска, каде во истиот период биле извезени производи во вредност од 10, 9 милиони евра.
Следат Германија со извоз од 8,7 милиони евра, Косово со извоз од 4,6 милиони евра, БиХ со извоз од 4,4 милион евра и Австралија со извоз од 3,6 милиони евра.

Во најновата едиција Топ 100 Извозници рангирани се само две компании од индустријата за преработка на овошје и зеленчук. Дием ГП со извоз во 2021 од околу 7 милиони евра е на 86 место и Тргопродукт, производителот на ајварите Мамас со извоз од 6,5 милиони евра е рангиран како 90-ти најголем извозник од Македонија.
Освен овие две компании во оваа индустрија работат повеќе мали и средни компании кои се претежно извозно ориентирани и кои се развиваат со сопствен капитал, со речиси никаква систамска државна поддршка.

Потенцијалите за извоз на оваа индустрија се големи, но компаниите се соочуваат со многу пречки

Македонската индустрија за преработки на овошје и зеленчук има далеку поголеми извозни потенцијали кои не се ни приближно искористени, пред се поради досегашните лоши државни политики во областа на примарното земјоделско производство и во делот на индустриските преработки.

Компаниите од оваа индустрија велат дека се соочуваат со недостиг на суровини, недостиг на работна сила заради нерешениот статус на сезонски работници, рестриктивната царинска политика и сложените царински процедури кои им создаваат дополнителни трошоци и им одземаат време, потоа високите царински давачки за суровини и репроматеријали од увоз, нерешената арондација и научно следење на производството на суровини, нерешени имотно-правни проблеми кои ги блокираат во развојот како инвеститори.