Македонските компании во текот на месец октомври на странските пазари извезле стоки во вредност од 705 милиони евра, што е за 8,9% помалку во споредба со истиот месец минатата 2022 година, покажуваат најновите податоци од Државниот завод за статистика.
Ова е трет последователен месец како извозот бележи намалување, при што во септември падот изнесуваше 3,1%, а во август извозот забележа пад од дури 11,8%, најголем пад од пандемијата во 2020 година.
Обемот на извезени стоки во октомври годинава бил помал за 6,4% во споредба со извезените количини на стоки во октомври 2022 година.
Увозот на стоки од странство во истиот месец бележи пад од 11,5% и изнесувал 981 милион евра. Заради поголемиот пад на увозот, покриеноста на увозот со извоз во октомври изнесувала 71,9%.
Анализата на податоците покажува извозот во Германија, најголемиот извозен пазар, во октомври годинава бележи пад од 10%. Извозот во Србија и Италија, исто така важни пазари за македонската економија, во октомври бележи пад од 21,7%, односно 21% во споредба со извозот во ланскиот октомври.
Голем пад од дури 60,5% има кај извозот во Грција, пред се заради големото намалување на извозот на електрична енергија.
Од друга страна, големо зголемување во октомври има кај извозот во Белгија од 158%, извозот во Чешка кој бележи раст од 75,3%, извозот во Кина е поголем за 39,6%, во Романија за 36,4%, Полска со раст од 28,9%.
Гледано по групи на производи, во октомври имало голем пад на вредноста од дури 86,9% кај извозот на електрична енергија, извозот на кожа и кожни производи бележи пад од 60,1%. Пад од 49% во октомври има и кај извозот на предива, тканини и производи од текстил, пад од 47,5% има кај извозот на обувки, извозот на метални производи бележи пад од 21,6%, 16% пад има и кај вредноста на извозот на хемиски производи, додека извозот на нафтени деривати има пад од само 1,4%.
Од друга страна, раст во октомври има кај вредноста на извезените пијалоци, меѓу кои и виното, од 32%, извозозт на храна бил поголем за 16%, извозот на зеленчук и овошје за 10,5%, вредноста на извозот на автобуси за 37%, медицински и фармацевтски производи за 25,6.
Во првите десет месеци вредноста на вкупниот извоз на производи од Македонија изнесувал 6,95 милијарди евра и бил поголем за 0,2% во споредба со истиот период лани, додека количински извезени биле 5% поалку стоки.
Увозот, пак, во првите десет месеци изнесувал 9,2 милијарди евра, што е пад од 8,7% во споредба со истиот период лани. Заради поголемиот пад на увозот од извозот, покриеноста на увозот со извоз во периодот од јануари до октомври изнесувала 75,3%.