Германското индустриско производство во март падна за 3,9% на месечна основа, што е повеќе од очекуваното, покажуваат податоците на германските статистички власти.
Ова е втор најголем пад на производството во германската индустрија, од почетокот на пандемијата на коронавирус, откако во март 2020 година индустриското производство се намали за 18,1%.
Во однос на март 2021 година, индустриското производство во Германија во март годинава бележи пад од 3,5%.
Намалувањето е предизвикано од прекинот на испораките предизвикани од руската војна против Украина, како и од пандемијата на коронавирус.
“Многу претпријатија сè уште имаат проблеми со нивните нарачки поради прекини во синџирите на снабдување, што се должи на продолжувањето на ограничувањата заради короната и војната во Украина. Нешто повеќе од 80% од анкетираните индустриски претпријатија се пожалија на тесни грла и проблеми при набавка на интермедијарни производи и суровини во март 2022 година, според Институтот за економски истражувања ifo. Тоа е речиси исто колку во декември 2021 година, кога беше постигнато рекордно високо ниво од нешто помалку од 82%”, се вели во соопштението од Дестатис.