Со просечно годишно производство на јаболка од 550.000 тони и повеќе од 225.000 тони извезени јаболка, Молдавија е рангирана меѓу првите десет извозници на јаболка во светот во 2021 година.
Минатата 2022 година, молдавските јаболка биле извезувани во 32 земји, за разлика од 2021 година кога имало 18 извозни пазари.
Молдавија е мала и една од најсиромашните држави во Источна Европа која се простира на површина од 33.851 км2 и има 3,2 милиони жители.
Колку за споредба Македонија со 25.713 km2 и 1,8 милиони жители во 2021 година, според официјалните податоци од Државниот завод за статистика, во 2021 година имала вкупно производство на јаболка 92.863 тони од кои 87.900 тони се извезуваат, а само на осум пазари имало остварено извоз поголем од 100 илјади евра.
Индустријата за јаболка во Молдавија бележи брз раст во изминатите десет години. Земјоделците засадија поголеми површини со интензивни овошни насади со сорти со голема побарувачка како Гала, Ред Делишус, Фуџи, Бонита и Грани Смит, дополнувајќи ја широката палета на традиционални сорти.
Пазарните аналитичари го поврзуваат таквиот раст на извозот со активното проширување на површините под јаболкови насади во Молдавија во изминатите 15 години, замена на традиционалните овоштарници со супер интензивни насади и високо интензивни нови сорти, инвестирање во модерна технологија, развојот на капацитети за складирање и замрзнување на овошје. Инфраструктурата за складирање и сортирање е надградена, а операциите на пакување подобрени, што е одраз на посветеноста на молдавските одгледувачи да се прилагодат на постојано променливата реалност на пазарот на овошје.
Молдавските извозници направија огромни напори во последниве години да ги диверзифицираат своите пазари, и тоа се покажува како исплатлив чекор.
Она што некогаш беше посебна активност за извозниците, испраќањето јаболка на далечните пазари по море сега е воспоставена практика: повеќе од 5.500 тони молдавски јаболка биле испорачани до Заливскиот регион само во 2022 година.
Освен јаболката, молдавските фармери одгледуваат и извезуваат значителни количини сливи, кајсии, слатки цреши и трпезно грозје. Молдова беше еден од првите пет светски извозници на сливи во 2021 година, при што овие овошја од година во година стигнуваат на нови странски пазари.
Исто така, Молдавија е голем извозник на вино. Според податоците на Worldtopexporters, Моладавија е 21 најголем извозник на вино во светот со вредност на извезено вино од 144 милиони долари во 2021 година, што е повеќе од двојно од македонскиот извоз на вино истата година, вреден 61,2 милиони долари.
Уште една интересна споредба со Молдавија и Македонија. Според податоците од CIA World Factbook, во Молдавија земјоделието учествува со 17,7% во БДП. Има работна сила од 810 илјади лица, од кои 32,2% се во земјоделието, а стапката на невработеност изнесува само 3,96%.
За споредба, во Македонија земјоделието учествува со 16,2% од БДП. Со работна сила од 916.200 лица од кои 16,2% се во земјоделието, додека стапката на невработеност изнесува 16,2%.
Производителите и извозниците од Молдавија секоја година изложуваат со павилјони во земјата на големите меѓународни саеми, вклучително и Fruit Logistica во Берлин, Германија, Fruit Attraction во Шпанија и Macfrut во Италија.
Годинава молдовските јаболка за првпат влегоа и на индискиот пазар
На почетокот на јануари, повеќе од 100 тони молдавски јаболка пристигнаа во Индија на почетокот на јануари. Сортите Црвен Делишес и Гала патуваа од романското пристаниште Констанца до Мумбаи и Ченај за околу 40 дена. Трговците од Индија отсекогаш покажувале интерес за јаболка од Молдавија, но дури неодамна стана можно да се воспостават првите комерцијални врски.
Петте контејнери со јаболка беа испорачани од FreshTime и FarmProd, двете најголеми извозни компании со модерни овоштарници поддржани од инфраструктурата по бербата со високи перформанси, како што се складирање во контролирана атмосфера и оптичко оценување и пакување на јаболка.
Производството на јаболка и процесите на ракување по бербата на двете компании се сертифицирани со GlobalGAP и Grasp.
Во прилог објавуваме видео линкови за овоштарниците со јаболка FreshTime и FarmProd кои се само доказ дека без инвестиции и современо земјоделство не е можен напредок во земјоделското производство и извозот.
Извори: Fruitnet, CIA World Factbook, Државен завод за статистика
>> ПОВРЗАНИ ВЕСТИ <<