Косовската министерка за индустрија, претприемништво и трговија Розета Хајдари најави „нови мерки за некои производи увезени од Србија“.

Како што пренесуваат косовските медиуми, станува збор за кондиторските производи, а целта, според Хајдари, е да се заштитат косовските производители.

„Производите кои се увезуваат на територијата на Косово имаат енормен пораст и штетат на домашните производители. Во секторот за трговија се покажува дека има зголемување на увозот од Србија, за разлика од лани. Ќе преземеме мерки против кондиторските производи како што се бисквитите и слатките што ги произведува Србија, бидејќи овие производи имаа енормно зголемување на увозот. Ќе ги разгледаме доказите и потоа ќе одлучиме за конкретните мерки“, рече косовскиот министер.

Министерката за индустрија, претприемништво и трговија Розета Хајдари денеска најави нови мерки за некои производи увезени од Србија, пренесува Коха.

За српската министерка за трговија, туризам и телекомуникации Татјана Матиќ, пак, најавите на Приштина за воведување на мерки против увозот на кондиторски производи од Србија се „политичка, а не економска или трговска мерка, односно одлука.

Матиќ изјави дека доколку се воведат вакви мерки, Србија ќе се обрати до институциите во Брисел, како и до Секретаријатот на ЦЕФТА, и амбасадите на ЕУ и САД во Белград.

“ЦЕФТА е најголемата форма на трговска заедница што постои и најавата за ваквите одлуки не придонесува ни за развој на трговските односи, ниту, пак, за политичкиот дијалог на Западен Балкан за кој се залага Србија. Се надеваме дека оваа одлука нема да биде донесена. А доколку тоа сепак се случи, споменатата трговска бариера би била уште еден пример за прекршување на ЦЕФТА Договорот и на обврските преземени во бриселскиот дијалог, изјави Татјана Матиќ.

Косово е најголем извозен пазар за македонските кондиторски производители, па доколку косовските власти одлучат да го затворат пазарот за српските кондиторски производи, тоа ќе отвори шанса за поголем извоз на македонските кондиторски производители.