Кој го прави македонскиот извоз? (инфографик)

Ако се анализира кој всушност го прави македонскиот извоз, односно ако се анализира вкупниот извоз по дејности, компании и пазари на кои е насочен, тогаш заклучокот е дека тој е скоцентриран на малку фирми и малку извозни пазари.

Во Македонија на крајот на 2018 година имало 53.669 активни фирми, од кои само 3.500 извезувале. Тоа значи дека само 6,5% од македонските фирми успеале да излезат и да најдат пазар за звоите производи и услуги надвор од границите на земјата.

Македонија има многу малку извозни фирми, ако споредиме со земјите во регионот, па и пошироко во светот. Во Хрватска, на пример, дури 15% од фирмите се извозно ориентирани, додека во Словенија дури 27% од фирмите извезуваат на странските пазари.

Ако се анализираат извозните фирми, статистиката покажува дека најголемиот дел од нив или дури 81% (2.841) се микро и мали фирми, а само 103 се големи компании кои имаат над 250 вработени.

Колку за споредба, во 2010 година бројот на фирми кои извезувале изнесувал  3.263, што значи дека за период од седум години бројот на извозни фирми е зголемен за само 230.
Иако најголем дел од извозните фирми се мали и микро, податоците покажуваат дека најголем дел од извозот го прават најголемите 100 извозници, кои прават над 70% од вкупниот извоз.

Во кои сектори има најмногу извозници?

Ако се анализира во кои дејности работат извозните фирми, најголемиот дел од нив или 1.025, што е околу 40%, работат во трговијата на големо и мало. Во производството на прехранбени производи има 164 извозни фирми, исто колку и во производството на облека.

Следни најбројни извозни компании се од областа на градежништвото каде работат 160 извозни компании, додека во производство на метални производи има 158 извозни компании. Во транспорт и складирање има 152 компании кои извезуваат, со производство на производи од гума и пластични маси се занимаваат 124 компани,  додека во производството на мебел работат 116 извозни компании.

Од земјоделието има 109 компании кои извезуваат, се преработка на дрво и производи од дрво се занимаваат 66 од извозните компании, од областа на информациите и комуникации има 63 извозни компании, во производство на пијалоци работат 50 од извозните компании, 45 извозни компании има во производството на текстил.

Половина од извозните фирми извезуваат само на еден пазар

 

Ако се анализира каде географски се насочени најногу македонските извозни компании, податоците покажуваат дека најголемиот дел од нив или дури 60% извезуваат на пазарите на земјите членки на ЕУ, додека во земјите од Западен Балкан извезуваат 1.934 извозни македонски компании.

Дури половина од вкупниот број на извозни фирми во Македонија извезуваат само на еден странски пазар. Само 34 компании од македонските извозници извезуваат на над 20 странски пазари.

Кој регион најмногу извезува?

Статистиката покажува дека како и во останатиот дел од економијата и кога станува збор за извозот, најголемиот дел е сконцентриран во Скопскиот регион.

Имено, компаниите од Скопскиот регион го прават 55% од вкупниот годишен извоз. Втор е источниот регион кој прави 12% од вкупниот извоз, следи Вардарскиот регион кој создава 11,7% од вкупниот извоз, Пелагонискиот регион кој учествува со 8,5% во вкупниот годишен извоз,  Југоисточниот регион кој создава 6,3% од вкупниот извоз, Југозападниот регион со учество од 3,38% во извозот, Полошкиот регион со учество од 2% во вкупниот извоз. Најмал извоз имаат компаниите од Североисточниот регион кои учествуваат со само 1,3% од вкупниот извоз.