ИНТЕРВЈУ

СЛОБОДАН КУТРЕВСКИ, прв извршен директор на “Пекабеско”

Развојниот пат на “Пекабеско” е вистинска успешна бизнис приказна со која Македонија може да се гордее. Во последниве 20-тина години во развојот на Пекабеско се инвестирани 30 милиони евра, со што денеска компанијата е лидер производството на сувомеснати производи, но и успешен извозник во регионот. Првиот човек на Пекабеско, Слободан Кутревски во интервју за специјалната Топ 100 Извозници зборува за развојниот пат на компанијата, предизвиците со кои се соочуваа во изминатите три години и плановите за развој на компанијата.

Ретки се примерите во Македонија кога трговска фирма прераснува во голема производствена и во извозна компанија. Денеска Пекабеско е најголема компанија од месната индустрија, со сопствени производни капацитети и логистичко дистрибутивен центар и со над 400 вработени. Ако погледнете наназад што беше клучно за успешниот развој на Пекабеско? Колку имате инвестирано досега во земјава за Пекабеско да биде тоа што е денес и колку извозот беше важен за развојот на Пекабеско?

Кутревски: Кога погледнувам наназад за време на овие први 45 години од постоењето на “Пекабеско”, дефинитивно може да кажам дека зборуваме за една вистински успешна приказна, односно бренд кој особено изминативе 25 години станува еден и од најпрепознатливите македонски амбасадори во регионот и светот.
Да потсетам, зборуваме за компанија која почнува само со една монтажна барака, десетина вработени и дистрибутивна дејност за една компанија. Денес, четири и пол децении подоцна, зборуваме за компанија лидер во производството на сувомесни производи и дистрибуција, со производствено – логистички центар од над 25.000 метри квадратни, со палета од над 100 производи, над 400 вработени и извоз на повеќе пазари, со извозен број за ЕУ, како и можност за извоз низ целиот свет.

И мислам дека клучно е што постојано гледаме напред, поставуваме нови цели и можности, ја прошируваме дејноста и портфолиото, вложуваме во иновации, но првенствено во перманентното унапредување на квалитетот на производството, стандардите и дистрибуцијата…
Би сакал ова да го потврдам и со конкретни бројки. “Пекабеско” во помалку од половината од своето постоење или за 20 години има инвестирано над 30 милиони евра. Од нив, 26,7 милиони евра се инвестирани од нашата компанија само во последните 12 години, односно од почетокот на изградбата на производствено – логистичкиот центар во Кадино до денеска.
Во делот на извозот би напоменал дека споредено со 2008 година бележиме повеќе од десеткратен раст на извозот на “Пекабеско” прехранбените производи. Со други зборови, во изминативе пет години, во просек, годишната вредност на извозот изнесува повеќе од 10 милиони евра, а рекордот го достигнавме минатата 2022 година кога “Пекабеско” забележа извозен приход поголем од 11,5 милиони евра.
Навистина имаме со што да се гордееме и ние како компанија, но и нашите потрошувачи и целата земја, но најважно од сѐ е да продолжиме напред во нови и големи глобални успеси, бидејќи секој успех е национален македонски успех и носи приходи за целата држава.

Изминатите неколку години беа исполнети со многу крупни случувања почнувајќи од пандемијата, војната во Украина, енергетската криза, инфлацијата…кои донесоа големи многу проблеми и неизвесност во работењето. Низ какви предизвици помина Пекабеско и какви промени направивте во работењето?

Кутревски: Пекабеско, како и секоја друга компанија, но и секој човек, се соочи со проблемите кои со себе ги донесоа кризите кои ги споменувате. Изминативе неколку години бараа многу прилагодувања, промени во работата и брзи реакции за да ја докажете вашата позиција на пазарот.
Сметам дека Пекабеско успеа да се справи со ваквите предизвици, да ги решава системски новонастанатите проблеми, но истовремено да продолжува да инвестира, да го подобрува квалитетот и секако да се шири на извозните пазари.

Кои се најголемите проблеми со кои сега се соочува компанијата. Како инфлацијата и порастот на сите суровини се одразува врз работењето? Колку замрзнувањето на цените од страна на Владата е ефикасна мерка за борба против инфлацијата и високите цени?

Кутревски: Апсолутно најголем проблем е порастот на цените на суровините и енергијата кои придонесоа за раст на цените на нашите производи и поради тоа во извесна мера бележиме пад на побарувачката и производството. Понатаму, проблем во континуитет е недостатокот на работна сила и очекуваме тој да продолжи и по стабилизацијата на цените на суровината и енергијата. Сето ова доведува до повисоки цени кои се пласираат на домашните и странските пазари.
Истовремено, сметам дека е апсолутно неоправдана било која злоупотреба на кризата за нереален раст на цени и тука треба секоја компанија да биде максимално одговорна кон своите потрошувачи. Но, во овој дел, клучно е Владата и приватниот сектор да бидат партнери, особено во турбулентни времиња и само заеднички да изнаоѓаат решенија за предизвиците. Бидејќи единствено на тој начин може да се донесат правилни одлуки со кои истовремено ќе се фокусираме на најважните – луѓето, како и на компаниите – моторот на економијата кој преку даноците и другите давачки ги овозможува јавните услуги, но и како реален сектор обезбедува плати за стотици илјади луѓе.

Пекабеско и месната индустрија во земјава со години бараат укинување на царината за увоз на месо, која е главната суровина за производство и покрај тоа што увозот на готови преработки на месо од регионот е без царина. Колку тоа ви ја намалува конкурентноста и кои се аргументите зошто државата треба да ја тргне оваа пречка која директно ве прави неконкурентни?

Кутревски: Изминативе повеќе од 30 години како индустрија се трудиме да го стимулираме домашното производство на месо, но и понатаму се соочуваме со недостаток, односно со потреба од увоз на месо за да ги задоволиме производствените потреби на македонските компании од месопреработувачкиот сектор.
Многупати досега се покажало дека ако сакаме македонската индустрија да стане поконкурентна на домашниот пазар и да почне да ги користи сопствените капацитети во целост, повеќе од неопходна е ваквата поддршка преку укинување на оваа царинска давачка од страна на државата. И дефинитивно, укинувањето на царината за свинското смрзнато месо за преработка секогаш кога тоа било случај се покажало дека дава бенефити и за преработувачите и за производителите, а со тоа и за целата држава.

Оваа мерка која како индустрии ја бараме овозможува секоја домашна компанија да биде конкурентна и изедначена со странските компании кои увезуваат, а со неа се овозможува целосно искористување на производствените капацитети, зголемување на бројот на вработени и реално зголемување на платите, како и бројот на македонски производи во маркетите. И ова е повторно од интерес на сите.
Значајна е ваквата поддршка од државата особено во време на големи кризи, а создавањето на повеќе македонски компании кои ќе бидат препознатливи светски брендови и генератори на сериозен извоз, сметам дека треба и е заедничка цел!

Какви се проценките за производството и извозот годинава и следната година?

Кутревски: Пекабеско со децении има забележителни резултати од извозот, односно продажбата на традиционалните пазари во нашиот регион. Се трудиме да продаваме и на пазарот во ЕУ за кој веќе имаме извозен број и тоа е нашата стратешка цел на која напорно работиме.
Како што споменав, тековната 2023 година како резултат на кризите, инфлацијата и растот на цените на суровините за производство се бележи намалување на производството и на извозот во физички обем. Веќе следната година очекуваме мал раст, иако не очекуваме да ги достигнеме резултатите од 2021 и 2022 година, особено доколку не следи подолготрајна стабилизација на цените.

Истовремено, сметам дека Законот за поддршка на инвестициите нуди добри решенија. Но, секако треба уште посилна и подиректна поддршка и партнерство со државата во промоција на македонскиот извоз, особено за учество на регионални и меѓународни саеми со цел пронаоѓање на нови купувачи и пазари. Секако, лично сметам дека главната одговорност за пронаоѓање на пазари ја имаат самите компании, но институциите и државата е неопходно само да ги следат нивните потреби за да бидат поддршка во реализацијата на тие цели.


Која е Вашата визија за развој на Пекабеско? Во која насока планирате да продолжите да се развива компанијата?

Кутревски: Во изминативе децении сметам дека Пекабеско покажува како со посветена работа, бизнис стратегија и постојани инвестиции може да се развивате и постојано да растете. Следната година, кога одбележуваме уште еден значаен јубилеј, 45 години Пекабеско, имаме многу причини заедно со нашите потрошувачи да бидеме задоволни со постигнатите резултати и бројки за кои неколкупати зборувавме во ова интервју.
Насоката во која продолжуваме да се движиме се освојувањето на новите пазари, нови инвестиции и вложување во иновации, како и грижата за заедницата и општествено одговорните проекти на кои секоја година сѐ повеќе се посветуваме. Секако, прилагодувањето и секојдневното брзо справување со светските кризи неминовно останува приоритет, но и неизвесност од која ќе зависи целокупниот раст и реализација на поставените цели.
Неодамна, за прв пат учествувавме и на „Ануга“, најголемиот светски саем за храна и пијалаци кој ги обединува глобалните компании од овие индустрии, а се одржува во Келн, Германија. Нашиот Пекабеско тим успешно ја претстави компанијата, потенцијалите и ги промовираше највкусните македонски деликатеси пред стотици илјади посетители од целиот свет. Огромниот интерес уште еднаш покажа дека имаме со што да се гордееме бидејќи Пекабеско со својот препознатлив македонски квалитет станува вистински светски бренд.


Се уште ги сумираме впечатоците и резултатите од овој саем, но и активно работиме на поврзување и одговарање на понуди за соработки со многу потенцијални дистрибутери и партнери буквално од целиот свет. Тргнавме со амбиција за поврзување со нови европски партнери, ама интересот е голем кај компании од сите континенти, но и различни дејности… од актуелни соработници, преку нови големи дистрибутери, глобални ланци маркети и ресторани, сѐ до интерес за соработка со интерконтинентални крузери и дистрибутери, на пример, за цела Јужна Америка итн.
Дополнително, бевме една од ретките компании со сувомесни производи со толку широка лепеза и асортиман на производи што ни овозможи дополнителна вредност во учеството на „Ануга 2023“. Секако, првите ефекти ги очекуваме после најмалку шест месеци од нашето учество на саемот, а бројките повторно ни даваат мотивација да работиме и очекуваме конкретен исход: 7.900 изложувачи од 118 земји кои се презентиравме пред повеќе од 140 илјади посетители од 200 земји.