Рекордно најголем извоз на чоколада од Македонија во последните 10 години

Македонија лани извезла чоколада и чоколадни производи вредни 26,3 милиони евра, што е зголемување од 39% во споредба со претходната 2022 година, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика. Извезени биле околу 5.700 тони чоколади и производи од какао (шифра 1806), и обемот на извезени производи бил поголем за 20%.

Извозот на чоколада икондиторски произоди бележи постојан раст изминатите години. Но, Македонија е сепак поголем увозник на чоколада. Статистиката покажува дека во 2023 година во земјава биле увезени 9.800 тони чоколада во вредност од 49,6 милиони евра. Вредноста на увезените чоколада има раст од 18%, додека увезените количини бележат раст од помалку од 1% во споредба со 2022 година..

Статистиката покажува дека извозот на чоколада од земјава расте постојано во последните десетина години. Така, пред 10 години, односно во 2014 година од Македонија биле извезени на странските пазари 3.800 тони чоколади во вредност од 8,7 милиони евра. Тоа значи дека за 10 години извозот на чоколада од земјава се зголемил вредносно за 206%, додека обемот на извезени производи е зголемен за 46%.
 Во истиот период вредноста на увозот на чоколади е зголемена за 77%, додека увезените количини се поголеми за 12% во споредба со 2014 година.