Руската инвазија на Украина ќе има значителни економски реперкусии, кои ќе влијаат на глобалното економско закрепнување, предупредија лидерите на Светската банка и ММФ, сигнализирајќи дека се подготвени да и помогнат на Украина.

Директорката на ММФ Кристалина Георгиева рече дека е „длабоко загрижена“ за влијанието на борбите врз народот на Украина и предупреди во твитот дека конфликтот „додава значителен економски ризик за регионот и светот“.

ММФ продолжува да го проценува економското влијание, но „ќе биде подготвен да ги поддржи членките колку што е потребно“, рече таа.

ММФ е во процес на распоредување на 2,2 милијарди долари помош за Украина во рамките на програмата за заем што треба да заврши во јуни.

Георгиева рече дека Фондот може да обезбеди помош за други земји погодени од какви било последици од конфликтот, доколку е потребно.

Претседателот на Светска банка, Дејвид Малпас на Твитер изјави дека е „длабоко тажен и ужаснат од разорните случувања во Украина, кои ќе имаат далекусежни економски и социјални влијанија“.

Тој додаде дека Светската банка подготвува опции за голема поддршка на народот на Украина и регионот, вклучително и непосредна буџетска поддршка“.

Конфликтот веќе ги крена цените на нафтата на највисоко ниво од 2014 година, што дополнително ги зголеми загрижувачките глобални инфлациски притисоци.

Во јануари, ММФ ја намали прогнозата за светскиот БДП за 2022 година на 4,4%, за половина поен пониска од претходната проценка во октомври, поради „пречки“ предизвикани од најновата варијанта на коронавирус.

Американскиот претседател Џо Бајден во четвртокот најави нови сериозни санкции кон Москва, вклучително и замрзнување на имотот на големите банки и прекин на извозот на висока технологија во земјата, во координација со Европа.

Сепак, аналитичарите забележуваат дека Москва со години се подготвувала да ги издржи таквите санкции, градејќи воен ковчег од готовина и злато и има многу низок долг.

„Тоа не е случајно. Мислам дека тоа е дел од она што го нарекуваме стратегија за тврдина Русија“, рече Елина Рибакова од Институтот за меѓународни финансии.