Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) уште еднаш ги намали прогнозите за раст за 2023 година и ги зголеми стравувањата од рецесија под влијание на постојаната инфлација и конфликтот во Украина, но ги задржа прогнозите за раст за 2022 година непроменети, откако веќе беа ревидирани три пати оваа година , покажува најновата економска прогноза на Фондот.
ММФ сепак очекува светскиот раст во 2022 година да биде 3,2%, но за 2023 година предвидува раст од 2,7%, за 0,2 процентни поени помалку од прогнозата дадена во јули.
Германија и Италија се очекува следната година да влезат во рецесија поради војната во Украина. Тие ќе бидат првите две развиени земји кои ќе влезат во рецесија само три години по епидемијата на Ковид-19, што исто така ќе има негативно влијание врз перспективите на целата еврозона.
Како што беше предвидено, германскиот БДП следната година ќе падне за 0,3%, а италијанскиот за 0,2%, што е за 1,1 процентен поен и за 0,9 процентни поени помалку од прогнозата во јули.
За земјите од еврозоната се очекува дека економскиот раст ќе забави до 0,5% следната година, наспроти 1,2% што се очекуваше во јули. За оваа година, во 2022 година, се предвидува раст од 3,1%.
Како што минуваа месеците, оптимизмот од почетокот на годината за силно економско закрепнување по две години од пандемијата се претвори во постојано растечки песимизам.
По осум месеци од руската инвазија на Украина, прифатена е првата табу тема, големите меѓународни институции кои претходно внимаваа да не најавуваат пад на економската активност сега отворено зборуваат за рецесија.
Падот на изгледите за раст е особено значаен за економиите кои се најмногу изложени на кратења на рускиот гас, како и на заострените монетарни услови во еврозоната, соопшти ММФ.
ММФ предупреди дека ситуацијата може да се влоши доколку температурите се особено ниски или недоволно се намали побарувачката за гас оваа есен, што може да доведе до зимски заштеди на енергија во Германија и да има тешки последици за германската индустрија.
ММФ ја намали и прогнозата за растот за Франција и Шпанија за следната година, на 0,7 отсто (минус 0,3 процентни поени) и 1,2 отсто (минус 0,8 процентни поени), соодветно.
За САД за оваа година се предвидува помал раст од предвиденото во претходниот извештај, така што се предвидува раст од 1,6%, односно 0,7 процентни поени помалку од очекуваното во јули, а дополнително забавување на растот се очекува за 1,0% во 2023 година. објави ММФ.
Покрај Русија, која оваа и следната година ќе доживее рецесија поради западните економски санкции, ММФ предвидува пад на БДП за Шведска, Чиле и Екваторијална Гвинеја во 2023 година.
Економската рецесија во Русија ќе биде помала од предвиденото во 2022 и 2023 година благодарение на извозот на нафта и релативно „стабилната“ домашна побарувачка, оцени денеска ММФ и покрај санкциите поврзани со конфликтот во Украина.
БДП на Русија во 2022 година треба да падне за 3,4 отсто, предвидува ММФ во својот извештај, што е помалку од шесте отсто што се очекуваше во претходната прогноза во јули.
За 2023 година, ММФ предвидува натамошна рецесија на руската економија од 2,3%, но помалку отколку што предвидуваше во јули (минус 3,5%).
За Украина, ММФ сè уште предвидува рецесија од 35% во 2022 година, во голема мера под влијание на конфликтот со Русија. Фондот не даде предвидувања за Украина за 2023 година.