Поради растечката инфлациј во земјава, Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка на вчерашната седница одлучи дополнително да ја затегне монетарната политика и да ја зголеми каматната стапка за 0,5 процентни поени, односно од 2% на 2,5%.

Поради растот на цените на примарните производи на светските берзи и застоите во синџирите за снабдување, коишто влијаат и на останатите видови производи, инфлацијата и натаму бележи нагорни движења, како во светски рамки, така и во нашата економија којашто е во голема мера зависна од увоз, објаснуваат од Народната банка.

Претходно Народната банка ја зголеми на три пати основната каматна стапка за 0,25 процентни поени, од 1,25% во април на 2% во јуни. Но, очигледно овие зголемувања не успеаа да ја стават под контрола инфлацијата која достигна 14,5%, па Народната банка сега се одлучи на најголемо годинава зголемување од 0,5 процентни поени.

Од Народната банка велат дека очекуваат дека досегашното зголемување на каматните стапки, заедно со направените промени во стапките на издвојување задолжителна резерва во домашна и странска валута, и понатаму да делуваат и на каматната политика на банките преку поттикнување на штедењето во домашна валута.

При носењето  на одлуката, особено биле земени предвид најновите движења кај инфлацијата. 
Во периодот јануари ‒ јуни 2022 година годишната стапка на инфлација изнесува 10%, во просек, што е повеќе во однос на последните проекции. Најголемиот дел од домашната инфлација е резултат на притисокот од увозните цени на храната и енергијата, коишто досега растат посилно од очекуваното. Овие притисоци брзо се прелеваат врз цените и на останатите производи и услуги и дополнително ги подгреваат инфлациските очекувања. Најновите податоци и очекувања на светските пазари навестуваат постепено стивнување на ценовните притисоци. Имено, за првпат по извесно време очекувањата за цените на храната се ревидирани надолу. Воедно, и кај цените на нафтата и кај цените на храната се очекува стабилизирање во втората половина на 2022 година, а потоа и нивно намалување. Сепак, неизвесноста од идните движења на цените на енергијата и храната е нагласена поради воените случувања во Украинa”, велат од Народната банка.

Од Народната банка тврдат дека девизните резерви се во сигурната зона, а нивното ниво ги задоволува барањата за адекватност согласно со меѓународните стандарди.
“За ова придонесува високото ниво на девизните резерви во претпандемичниот период и натамошниот раст во двете години од пандемијата.Последните расположливи и високофреквентни податоци од девизниот пазар упатуваат на натамошно намалување на нето-побарувачката на девизи на небанкарскиот сектор, главно како резултат на намалената потреба за девизни средства на компаниите од електроенергетската дејност, како и на сезонски високата понуда на девизи на менувачкиот пазар. Приливот на девизи на менувачкиот пазар во овој период е значително повисок од очекувањата, при двојно повисок раст на понудата од растот на побарувачката на девизи во однос на истиот период лани, што делува поволно врз платнобилансната позиција и девизните резерви. Во последниот период е видливо и намалување на интересот кај домашните субјекти за конверзија на домашната во странска валута. Релативно поволните движења на девизниот пазар овозможија повремено присуство на Народната банка на овој пазарен сегмент, при што во јули за првпат од септември 2021 година беше остварен и откуп на девизи”, се вели во соопштението на Народната банка.

Во првиот квартал од 2022 година, активноста во домашната економија оствари реален раст од 2,4% на годишна основа, сличен на остварувањата од претходниот квартал. Расположливите месечни податоци за економската активност за вториот квартал засега упатуваат на слични движења и во овој период. Имено, во периодот април ‒ мај продолжува годишниот реален раст на индустриското производство и на прометот во трговијата, а во април значителното забавува падот на извршените работи во градежништвото. Но, со надолните ревизии на странската побарувачка поради ефектите од воениот конфликт во Украина и силниот одраз врз пазарите на примарните производи и синџирите на снабдување, се нагласуваат надолните ризици за растот.

Целото соопштение од Народната банка можете да го прочитате тука.