Податоците од најновата специјална едиција ТОП 100 ИЗВОЗНИЦИ покажуваат дека 2021 година била добра за повеќето од големите извозници. Од најголемите 100 македонски извозници во 2021 година, дури 79 имале зголемување на извозот. На ниво на економија, пак, компаниите во 2021 година имале раст на приходите од 19%, што се должи на поголемите продажби.
Извозните компании кои работат во Македонија во текот на 2021 година оствариле извоз на стоки во вредност од 6,92 милијарди евра. Тоа е околу 60% од вкупниот Бруто домашен производ (БДП), односно од вредноста на сите произведени стоки и услуги. По падот од 10,8% во пандемиската 2020 година, извозот лани порасна за 19,8%. Но, ако се гледа количински, извозот пораснал за 10,5%, што се објаснува со големиот раст на цените на многу суровини и влезни инпути кои ја зголемуваат вредноста на извозот.
Извозот минатата 2021 година го надмина извозот од претпандемиската 2019 година и бил поголем за 7,6%, додека споредбата на извезените количини покажува дека ланскиот извоз е за 1,4% понизок во споредба со количините извезени во 2019 година.
И покрај растот на продажбите, извозните компании мораа да ги прилагодат работењето и извозните стратегии на новата нормала која ја донесе пост-пандемиското заздравување, која наликуваше на возење на ролеркостер. Зголемувањето на потрошувачката и враќањето на побарувачката предизвикаа големи тесни грла во транспортот и прекини во синџирите на снабдување, што доведе до рекордно поскапување на транспортот и зголемување на цените на речиси сите суровини и материјали, поскапување на енергенсите… Заради тесните грла во транспортот многу компании биле принудени да создаваат поголеми залихи со цел навреме да одговорат на новите нарачки, да направат диверзификација на снабдувачите и да изнаоѓаат нови добавувачи, но и нови извозни пазари.
Најголемите 100 извозни компании 2021 година ја завршија со вкупен извоз од нешто повеќе од 5 милијарди евра и вкупни приходи од 6,5 милијарди евра. Тоа е повеќе од извозот на најголемите 100 извозници во 2020 година кој изнесуваше 4,16 милијарди евра и нивните вкупни приходи од 5,36 милијарди евра. Најголемите 100 извозни компании создаваат дури 73% од вкупниот извоз на стоки од Македонија остварен минатата година.
Ова рангирање само ја отсликува и реалната состојба во македонскиот извоз. Преголема концентрација на малку компании кои го создаваат извозот, на малку пазари и малку производи со повисока додадена вредност кои се извезувваат.
Најголем извозник во македонската економија и понатаму останува компанијата Џонсон Мети Македонија, компанија со британски капитал, која во двете фабрики во зоната ТИРЗ Скопје 1 произведува катализатори и апарати за прочистување на издувни гасови. Директорот на компанијата Боријан Борозанов во интервјуто за едицијата Топ 100 Извозници зборува за идните планови на најголемиот извозник во земјава. Извозот на Џонсон Мети минатата година надмина 2 милијарди евра и бележи раст од 18,9%. Само Џонсон Мети создава 30% од вкупниот годишен извоз на државата или околу 41% од извозот на 100-те најголеми извозници. Останатите 99 извозници од листата најголеми во 2021 година создале вкупен извоз од 2,98 милијарди евра.
Втор најголем извозник на овогодинешното рангирање е Еуроникел Индустри со извоз од 229 милиони евра, кој бил поголем за 25,4% во споредба со извозот од пандемиската 2020 година. Еуроникел Индустри, како најголем потрошувач на енергија во земјава, чиј извоз учествува со релиси 5% во вкупниот извоз на државата, се соочува со сериозни проблеми заради кои производството од септември е прекинато, а работниците од средината на октомври се пуштени на принуден одмор. Генералниот директор на Еуроникел Индустри, Герасим Кујунџиев во интервју специјално за едицијата Топ 100 Извозници зборува за проблемите со кои се соочуваат и за мерките од државата кои би помогнале комбинатот повторно да почне да произведува.
Трет најголем извозник во земјава е компанијата Кромберг и Шуберт Македонија, германската инвестиција која работи во битолската индустриската зона во Жабени и во која се произведуваат главно кабли и кабелски инсталации, кои се вградуваат во многу европски автомобилски гиганти. Извозот на Кромберг и Шуберт минатата година достигна близу 208 милиони евра и има годишен пад од околу 10%. Но, како што најавува менаџментот на компанијата годинава извозот ќе се зголеми со оглед дека Кромберг и Шуберт отвори втора фабрика во Скопје, го проширува производниот капацитет во фабриката во Битола, а се планира отварање и трета фабрика, во ТИРЗ Скопје.
Четврт најголем извозник е ИГМ Трејд од Кавадарци, кој со раст на извозот од 77,4%, и извоз вреден 163 милиони евра се искачи две места погоре од ланското рангирање. ИГМ, како и останатите компании компании од челичната индустрија профитираа силно од растот на цените на челикот во текот на пост-пандемиското закпрепнување на глобалната економија.
Челичарницата Либерти исто така бележи скок од три места погоре на листата на Топ 100 Извозници, благодарение на големиот раст на вредноста на извозот од 66%. Со извоз вреден близу 145 милиони евра, Либерти лани била петти најголем извозник во земјава. Но, како еден од најголемите потрошувачи на струја се соочува со сериозни проблеми во работењето и поради енормните цени на струјата последните неколку месеци работи со 40% од својот производствен капацитет, а без мерки за поддршка од државата најавија дека до крајот на годината целосно ќе сопрат со производство.
Алкалоид единствена домашна компанија која извезува готов производ со висока додадена вредност
Фармацевтската компанија “Алкалоид” е шести најголем извозник во земјата, најголема извозна компанија со домашен капитал и единствена компанија од 10-те најголеми извозници која успева на дури 43 странски пазари да продава лекови и производи со висока додадена вредност и со висок инпут на домашно знаење и ресурси. Минатата година Алкалоид ја заврши со консолидиран извоз од околу 136 милиони евра, што е 65% од вкупните продажби на компанијата. Генералниот директор на компанијата, Живко Мукаетов во интервјуто за едицијата Топ 100 Извозници зборува за предизвиците со кои се соочува компанијата и резултатите од работењето во овој неизвесен период. Предупредува дека компаниите постепено ќе ја губат својата конкурентска способност на меѓународните пазари доколку подолг временски период бидат изложени на високите цени на енергенсите, додека конкуренти од другите економии имаат многукратно пониска изложеност на овие трошоци, и апелира на соодветни и навремени мерки за поддршка на стопанството од страна на државата
На седмата позиција е уште една странска компанија од индустријата за автомобилски делови, тоа е Амфенол Технолоџи од Кочани со извоз од 120,7 милиони евра, раст од 35% во споредба со 2020 година.
Голем скок за седум места нагоре бележи и челичарницата Макстил, која минатата 2021 година ја заврши како осми по големина извозник, со продажби на странските пазари од над 101 милион евра. Извозот на макстил во 2021 година бележи годишен раст од дури 95,6%. Но, и Макстил, како голем потрошувач на електрична енергија, годинава се соочува со големи проблеми заради високите цени на енергенсите и очекува финансиска поддршка од државата за да не сопре со производството.
Окта, најголемиот извозник на нафтени деривати има скок за седум места нагоре и со извоз вреден 97,7 милиони евра деветти извозник во земјава. Окта, заради високиот раст на цените на нафтените деривати, има раст на вредноста на извозот од 92,7%.
Како 10-ти најголем извозник во 2021 година е рангирана германската компанија за автомобилски делови Маркарт од Велес, со извоз вреден 95,6 милиони евра, кој бележи годишен раст од 26,1%.
На 11-то место е рангиран производителот на акумулатори ТАБ МАК од Пробиштип, кој 2021 година ја заврши со извоз вреден 92,2 милиони евра, што е зголемување од 55,9% во споредба со претходната 2020 година.
Рудникот САСА со извоз вреден 88 милиони евра е рангиран на 12 место на листата Топ 100 најголеми извозници. Извозот на САСА лани бележи раст од 19,6%.
Како 13-ти најголем извозник од земјава лани била рангираната компанијата Костал Македонија. Производителот да автомобилски делови и системи за светски познатите автомобилски делови и покрај предизвиците лани оствари раст на вредноста на извозот од 34,1%.
И на 14 и 15 место на листата најголеми извозници се наоѓаат компании од автомобилската индустрија. Џојсон Сејфти Системс ja заврши минатата година со извоз вреден 68,6 милиони евра, раст од 5,9% во споредба со претходната 2020 година.
Како 15-ти најголем извозник од Македонија е Дрекслмајер со извоз вреден 60,7 милиони евра, раст од 1,9% во споредба со 2020 година.
Најголемите 15 извозници лани направиле вкупен извоз од 3,74 милијарди евра, што е 54% од вкупиот извоз на државата или 75% од извозот на сите 100 најголеми извозници.
На листата на Топ 15 најголеми извозници доминираат компаниите од автомобилската индустрија. Дури осум компании се од оваа најсилна извозна индустрија, додека четири се од металопреработувачката индустрија.
Само две компании, Алкалоид и ИГМ Трејд се компании со домашен капитал. Алкалоид е единствената компанија со финален производ произведен во Македонија со високо учество на домашно знаење и експертиза. Само осум компании имаат извоз од над 100 милиони евра.