Пад на индустриското производство во Кина за 13,5%, за прв пат во последните 30 години

Кина денеска објави серија на лоши показатели за јануари и февруари како резултат на пандемијата КОВИД19. Индустриското производство за прв пат падна за скоро 30 години.

Индустриското производство падна за 13,5% во првите два месеци, за разлика од растот од 6,9% во декември. Продажбата на мало бележи пад од 20,5% во првите два месеци за разлика од истиот период во 2019 година, соопшти Националното биро за статистика на Кина.

„Епидемијата на новата корона вирус ја наруши економската активност во првите два месеци од оваа година“, соопшти националното биро за статистика, додавајќи дека краткорочните последици можат да се управуваат.

Резултатите, сепак, се многу полоши од прогнозите на аналитичарите, кои очекуваа пад на индустриското производство од само 3% и на малопродажбата од 4%.

Индикаторите се објавуваат во време кога Кина се бори против епидемијата на вирусот и кога кинеската економија е практично парализирана со мерките преземени од Пекинг против ширење на епидемијата.

За да ја поддржи економијата кинеската Централна банка денеска објави дека го намалува задолжителниот процент што банките мора да го држат во резерва, сразмерно меѓу половина и еден процентен поен.

Со овој потег се очекува да се ослободат околу 70,6 милијарди евра. На тој начин Централната банка на Кина сака да ги поттикне комерцијалните банки да даваат повеќе и поповолни кредити на фирмите за да се поддржи реаната економија.