Управниот одбор на Алкалоид АД Скопје на седницата одржана на 3 март2022 година донесе Предлог-Одлука со која му предлага на Собранието на акционери исплата на дивиденда за 2021 година во износ од 440 денари бруто, односно 396 денари нето по акција, што во однос на исплатената дивиденда по акција за претходната година од 400 денари бруто, односно 360 денари нето е поголема за 10% на нето основа.
Дивидендата ќе биде исплатена во готово на трансакциските сметки на акционерите. Последен датум на тргување со право на дивиденда за 2021 година е 19 април 2022 година, а исплатата на дивидендата ќе започне од 18.05.2022 година.
Одлуката за исплата на поголeма дивиденда за сите акционери на Алкалоид, доаѓа по успешните финансиски резултати кои компанијата ги оствари минатата година, кога компанијата одбележа 85 годишен јубилеј во своето постоење.
Според неодамна објавените финансиски извештаи на Македонската берза, Алкалоид изминатата 2021 година ја заврши со консолидирани приходи од продажба од над 208 милиони евра, кои бележат раст од 5% во споредба со претходната 2020 година. Со тоа приходите од продажба на Алкалоид за прв пат во досегашното постоење надминаа над 200 милиони евра, што ја вбројуваат меѓу најголемите фармацевтски компании во Југоисточна Европа, со две подружници во земјава и 18 подружници во странство.
И покрај бројните предизвици кои ги предизвика заздравувањето од пандемијата на Ковид 19, Алкалоид минатата 2021 година успеа да ја заврши со раст на продажбите во странство од 6%, нови инвестиции од над 19 милиони евра, раст на профитабилноста од 12% и 214 нови вработувања.
Од вкупните консолидирани продажби, 65% или 136 милиони евра се остварени од извоз односно од продажба на странските пазари. Извозот лани бележи раст од 6%, додека продажбите на домашниот пазар се зголемени за 4%.