Русија го ограничи извозот на скапоцени гасови, вклучително и неонот, како реципрочен одговор на новата рунда санкции што Европската унија и ги воведе на Москва во април, пишува Russia Today.
Во владината уредба се наведува дека до 31 декември годинава ќе биде потребна согласност од Владата за извоз на скапоцени и други гасови, по препорака на Министерството за индустрија и трговија.
Скапоцените или инертни гасови, како што се неон, аргон, ксенон и други, се клучни во процесот на производство на полупроводници, кои се користат за производство на микрочипови – елементи потребни во електрониката, автомобилската индустрија и индустријата за домашни апарати.
Во април, Европската унија го забрани извозот на полупроводници, машини и друга опрема во Русија во вредност од 10 милијарди евра според петтиот пакет санкции.
„Известија“ пишува, повикувајќи се на свои извори во владата, дека Москва сака да ги потсети таканаречените „непријателски“ земји дека и тие зависат од рускиот извоз кога станува збор за производството на полупроводници. Русија го снабдува глобалниот пазар со приближно 30% од светската потрошувачка на неон, според Известија.
Од почетокот на пандемијата на корона вирусот, има глобален недостиг на полупроводници, предизвикан од проблеми во синџирот на снабдување и привременото прекинување на производството во фабриките поради мерките за ковид.
Ограничувањето на извозот на Русија може да ја влоши кризата во понудата на глобалниот пазар на чипови. Конфликтот во Украина го влоши проблемот бидејќи Украина која беше еден од најголемите светски добавувачи на благородни гасови го прекина производството во своите фабрики во градовите Мариупол и Одеса во март, поради што цената на неоното вртоглаво порасна.
Извор: Reuters