Глобалната трговија со стоки ќе расте со помалку од половина од темпото предвидено пред шест месеци, соопшти Светската трговска организација, наведувајќи ја инфлацијата во САД и Европа, продолжената војна во Украина и бавното закрепнување на Кина.

Институцијата со седиште во Женева соопшти дека очекува обемот на трговија со стоки во 2023 година да се зголеми за 0,8% во однос на минатата година, во споредба со нејзината априлска прогноза за раст од 1,7%, се вели во извештајот објавен во четвртокот.

Тоа е далеку под просекот од 2,6% годишен раст регистриран од глобалната финансиска криза.

Се чини дека забавувањето на трговијата има широка основа, вклучува голем број земји и широк спектар на стоки, конкретно одредени категории на производи како што се железо и челик, канцелариска и телекомуникациска опрема, текстил и облека“, соопшти СТО.

„Инфлацијата, високите каматни стапки, поскапувањето на американскиот долар и геополитичките тензии придонесуваат кон забавувањето на трговијата во светот”.

По растот од 3% минатата година, трговијата со стоки во првата половина на 2023 година е намалена за 0,5% во однос на претходната година, се вели во најновиот извештај, при што се очекува само „скромно зголемување“ во месеците до декември.

Еден исклучок се патничките возила, кои забележаа зголемена продажба досега во 2023 година.
„Проектираното забавување на трговијата за 2023 година е причина за загриженост, поради негативните импликации врз животниот стандард на луѓето ширум светот“, рече генералниот директор на СТО, Нгози Оконџо-Ивеала.
„Глобалната економска фрагментација само ќе ги влоши овие предизвици. За 2024 година, прогнозата на СТО за раст на трговијата со стоки е од 3,3%, речиси непроменета во однос на април“, се вели во извештајот на СТО.

Светската трговија покажува првични знаци на економска фрагментација, но според СТО, промената не укажува на драматично поместување кон деглобализација.