ИНТЕРВЈУ
СЛАВИЦА КУТИРОВ, директорка на Царинската управа на Р.С.Македонија
#Во последниов период се актуелизира регионалната соработка и засилено се работи на нејзино унапредување како чекор кон побрзата интеграција на регионот кон ЕУ? Колку Царинската управа е важна во овој процес и кои активности се преземаат за да се унапреди и олесни трговијата и транспортот во регионот?
Кутиров: Со задоволство можам да кажам дека од осамостојувањето до денес, регионалната соработката никогаш не била на повисоко ниво. Преку повеќе инцијативи, како што се ЦЕФТА, Отворен Балкан, регионалната економска област, Берлински процес и други, паралелно се одвиваат повеќе активности и сите тие, пред се имаат за цел побрза економска интеграција на регионот во Европската Унија.
Царинските администрации се многу значајни во делот на олеснување на прекуграничната трговија и заедно со земјите од регионот, ние учествуваме во реализацијата на повеќе проекти и активности.
Во рамките на ЦЕФТА иницијативата, Зелените коридори за проток на осетлива стока, имплементирани во текот на пандемијата, успешно и непречено функционираат со земјите од ЦЕФТА, и тоа конкретно кај нас преку граничните премини Табановце, Блаце и Ќафасан. На овие премини, се обезбедува приоритетен третман за стоките кои се на претходно усогласена листа помеѓу ЦЕФТА земјите и за тие пратки земјите разменуваат и информации пред пристигнување, преку електронскиот систем на ЦЕФТА – SEED.
Позитивните искуства од примена на Зелените коридори, продуцираа активности за нивно проширување кон соседните земји членки на ЕУ. Пред два месеци во Солун, со гувернерот на Независната управа за јавни приходи на Република Грција потпишавме Меморандум за разбирање за електронска размена на податоци, со кој први од регионот воспоставивме примена на овие коридори за стоките кои излегуваат кон Република Грција, вклучувајќи ја тука и електронската размена на податоци преку СЕЕД системот. Во тек се активности за проширување на овие коридори и со Царинската администрација на Република Бугарија.
Меѓусебното признавање на статусот на Овластен економски оператор (ОЕО) е исто така значаен процес помеѓу ЦЕФТА земјите, имајќи предвид дека овој концепт на компаниите им обезбедува поголемо користење на поедноставените царински постапки, приоритетен третман при спроведување на царинските контроли, намален број на физички и документарни царински контроли, како и други директни и индиректни поволности.
Оваа година бележиме значаен напредок во тој дел, бидејќи го завршивме процесот на валидација и меѓусебно признавање на ОЕО сертификатите со Република Србија и концептот го ставивме во примена. Договорот со Албанија исто така е потпишан и ратификуван и во следниот период ни преостанува потпишување на Протоколот за ОЕО за да може и овој договор да биде целосно функционален, и да се примени за компаниите од двете земји кои го имаат овој статус.
Преку иницијативата на Отворен Балкан, која во моментот ги вклучува нашата земја, Србија и Албанија, се забрзаа некои активности, а се започнаа и нови. Во јуни оваа година на граничниот премин Табановце – Прешево, извршени се сите инфраструктурни зафати и целосно е ставен во примена концептот One Stop Shop, при што колегите од царина и гранична полиција од Република Србија се позиционираа на нашиот граничен премин. Со тоа и на наша страна се овозможи со единствено застанување на патничките и товарните возила да се спроведат граничните формалности. Овие контроли пред се, се однесуваат на проверка на патните исправи, а кај товарните возила затворање на транзитниот документ кој ги следи стоките.
Во тој дел, со Република Албанија е потпишан Договорот за спроведување на концептот за застанување на едно место – One Stop Shop, а во тек е дефинирање на имплементационите протоколи за негово спроведување, и тоа за протоколите за усогласено постапување на царина, полиција, како и протоколот за инфраструктура, во чие изготвување учествуваат царинските служби и граничните полиции на двете земји.
Од огромна важност е тоа што реализацијата на овие регионални активности овозможи да се воспостави блиска соработка и комуникација помеѓу администрациите на земјите од регионот, која е многу значајна за меѓусебна размена на искуства, како и за интегративните процеси и преговорите со ЕУ кои веќе започнаа.
#Податоците од Светската банка пак укажуваат дека земјите од регионов губат речиси една милијарда долари годишно заради долгите чекања на граничните премини. Како дел од иницијативата Отворен Балкан веќе извесно време граничниот премин Табановце функционира како заеднички граничен пункт. Но, имаше реакции од бизнисот дека и понатаму остануваат долгите чекања на граничните премини. Каква е сега ситуацијата на терен и што се прави за да се олесни трговијата во овој дел?

Кутиров: Чекањето на товарните возила на граничните премини помеѓу земјите во регионот е проблем кој продуцира дополнителни трошоци за бизнисите. Затоа ние како Царинска управа сме исклучително посветени на сите активности кои придонесуваат на олеснување и забрзување на прекуграничниот проток, но и побрзо завршување на царинската постапка во целост.
Mе радува тоа што во текот на јули и август оваа година, претставници на бизнис заедницата, како дел од проект на Стопанската комора, присуствуваа на граничниот премин Табановце и ги мониторираа состојбите, а подготвија и препораки за подобрување на состојбата, кои во најголем дел веќе ги реализиравме.
Инаку, во моментот на овој премин, на влез во Република Северна Македонија, функционираат десет ленти и тоа две за товарни возила – од кои едната е за земјите од Отворен Балкан, една за автобуси и седум за патнички возила. Сепак и покрај тоа, во екот на летната сезона на годишни одмори, кога се соочивме со голем наплив на возила кои транзитираа низ нашата држава до туристичките дестинации, беа забележани поголеми чекања на патничките возила, кои придонесоа и за повремени застои и во товарниот сообраќај.
Оваа состојба траеше кратко време, интензитет е веќе намален со што е намалено и времето на чекање, а протокот на товарни возила се одвива без застој.
-До каде е имплементација на новиот Национален едношалтерски систем кој беше најавуван како проект кој ќе го олесни прекуграничното работење на бизнисите?
Кутиров: Новиот Национален едношалтерски систем се реализира со поддршка од Светска Банка и Меѓународната финансиска корпорација – IFC, во рамки на Проектот за олеснување на трговијата и транспортот во земјите од Западен Балкан, а во него учествуваат и сите надлежни институции, со поддршка од Владата, и во координација со Кабинетот на Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции.
Во рамките на проектот подготвен е Блупринтот за новиот Национален едношалтерски систем, и во него се вклучени сите барања за примена на најсовремените стандарди и практики за олеснување на прекуграничната трговија. Во моментов, тимот на експерти од Царинската управа, заедно со Проектната единица во Министерството за транспорт и врски, активно работи на избор на фирма – консултант, кој треба да даде поддршка на процесот на имплеметација. Планирано е системот да биде ставен во функција до крајот на 2024 или на почетокот на 2025 година.
Новиот Национален едношалтерски систем ќе го замени тековниот Едношалтерски систем за дозволи за увоз, извоз и транзит на стоки – EXIM, имплементиран уште во далечната 2008 година и треба да обезбеди нови услуги за економските оператори, согласно стандардите кои се применуваат во земјите членки на ЕУ.
Новиот систем ќе ги интегрира националните царински ИКТ системи и системите на другите владини институции, при што ќе овозможи нови централизирани функционалности и услуги, како што се централна регистрација на економските оператори во ИКТ системите на Царинската управа, централна анализа на ризик, е-плаќање на сите давачки и електронско издавање на дозволите. Важно да се напомене како новитет е дека се планира и изработката на податочен склад, како и примена на современите алатки за бизнис и предиктивни анализи, кои треба да придонесат за консолидација на базите на податоци, размена на податоците со другите институции и поефикасни анализи и дефинирање на ризиците.
#Изминативе две години беа исполнети со многу предизвици кои ги наметна пандемијата на Ковид-19 и постпандемиското заздравување, а претстојат нови проблеми предизвикани од војната во Украина и енергетската криза. Колку според Вас и реакциите од компаниите, Царинската управа успева да се прилагоди на овие проблеми и обезбеди непречен проток на стоките на границите?
Кутиров: Предизвиците со кои се соочува светот, како последица најпрво од пандемијата, а потоа и од воениот конфликт во Украина, доведоа до промени и ограничувања во сите сфери на дејствување. Царинската управа, од самиот почеток покажува капацитет и подготвеност за прилагодување на промените, а во исто време и капацитет да остане доследна на својата мисија, исполнувајќи ги задачите кои ги поставува пред себе во рамките на своите стратешки приоритети.
Наплатата на приходи, како основна функција на царината, продолжува да бележи пораст, односно во првата половина од 2022 година наплатените приходи се за 27% поголеми, споредено со истиот период од 2021 година. Заштитата на општеството и безбедноста на границите продолжува да биде еден од нашите најважни приоритети – спречени се голем број обиди за нелегални активности, со што активно придонесуваме за намалување на сивата економија и подобрување на безбедноста во државата.
Би сакала особено да напоменам дека и покрај соочувањето со кризните услови, активностите за развој, унапредување на процесите, дигитализацијата и регионална интеграција продолжуваат и тоа со зголемен интензитет.
#Дигитализацијата на царинското работење се наметнува како императив за нормално функционирање на царинските институции во овие неизвесни времиња, но и како неопхoдност во трансформацијата на општеството и борбата против корупцијата. Како Царинската управа ги следи овие трендови на дигитализација и кои проекти се имплементирани во пракса?
Кутиров: Процесот на дигитализација е во фокусот на Царинската управа во последната декада, а особено и со зголемен интензитет во последните години, кога следејќи ги глобалните трендови и најдобрите практики на ЕУ, нашата институција реализира активности и проекти во оваа област. Преку воведување на нови електронски системи, денес може да кажеме дека во царинското работење е достигнато високо ниво на дигитализација, на скоро сите процеси на делување, но секако тоа не значи дека треба да застанеме со тој развој.
Голем напредок во дигиталната трансформација на Царинската управа направивме пред три години со пуштање во функција на Системот за обработка на царински и акцизни документи – СОЦДАД. Со него создадовме нова напредна платформа за бесхартиено царинско работење, обезбедувајќи интеграција со останатите, веќе воспоставени царински системи, ЕКСИМ, НЦТС, ИТО, но и интероперабилност со системите на владините институции и царинските системи на Европската Унија. Преку системот СОЦДАД, на месечно ниво автоматски обработуваме над 100.000 електронски декларации.
Но, сите овие оперативни системи, мора постојано се надградуваат и развиваат, следејќи ги пред се законските измени и барањата на деловната заедница, а се со цел понатамошно олеснување и забрзување на царинските постапки, но и намалување на човечкиот фактор и можноста за субјективно одлучување на царинските службеници, со што се влијае и на намалување на корупцијата.
Во таа насока, во октомври планираме да пуштиме во примена една новина во царинското работење преку надградба на системот СОЦДАД, на која работиме подолго време, и со која ќе овозможиме автоматско завршување на царинската постапка за еден час од поднесувањето на царинската декларација. Тоа ќе важи за декларации кои системот не ги селектирал како ризични, и при тоа постапката ќе се спроведува без дополнителна интеракција на царинскиот службеник.
#Колку Царинската управа има инфраструктурен капацитет за да се имплементираат сите овие процеси на дигитализација и модернизирање на царинското работење? Исто така, интеграција со европските царински системи е еден од условите за влез на нашата држава во ЕУ. Колку Царинската управа е подготвена кадровски и инфраструктурно за овие процеси и какви се инвестиции и промени се потребни во овој сегмент?
Кутиров: Благодарам за ова прашање, кое многу ретко ми го поставуваат, а кое сметам дека е од многу важно. Сите нови проекти се дел од пошироко опкружување, и треба успешно и навремено да се имплементираат, но потоа и да се одржуваат и постојано надградуваат, за што е потребно добра организација и управување. Царинската управа е една од ретките институции која има воспоставено практики и интерни процедури за управување со проекти, пред се за развој на софтверски решенија и тоа уште од фазата на планирање, на што следи фазата имплементација па се до пуштање во оперативна примена и понатаму одржување и надградба, односно со целиот животен циклус на апликацијата.
Истовремено, паралено со развојот на нови софтверски апликации, големо внимание се посветува и на одржување и надградба на мрежната и хардверска инфраструктура, со цел нејзино непречено функционирање. Царинската управа во 2019 година имплементираше и современ Сервисен деск за поддршка како на внатрешните така и на надворешните корисници на ИКТ системите, кој работи 24/7. Анализите од него покажуваат дека денес Царинската управа обезбедува 99,7% достапност на услугите кои ги нудат нашите ИКТ системи. Ова е голем успех за нас, но и бенефит за економските оператори, а тоа се должи меѓу другото и на добрата организација, управување, но и на посветеноста на сите вработени кои се вклучени во овој дел.
#Кои се идните проекти и промени кои можат да се очекуваат од Царинската управа во насока на модернизација на царинското работење и олеснување на трговијата за компаниите?
Кутиров: Кога станува збор за идниот развој, сакам да кажам дека на почетокот од годината, ја донесовме Стратегијата и Акциониот План за развој на Царинската управа за следниот тригодишен период (2022 – 2024), и во него дигитализацијата, со повеќе нови системи е опфатена во сите приоритетни области за развој на Царината и тоа: ефикасна наплата на приходи, олеснување на трговијата, заштита на општеството и инфраструктурен и организациски развој. Средствата за овие прокети се обезбедени или програмирани, во најголем дел од ЕУ ИПА фондовите и Светската Банка, а дел и од Буџетот на државата и истите се главно наменети за подобрување на услугите на економските оператори, но и за подобрување на наплата приходи и поефикасни контроли.
Од новите системи на кои работиме, би сакала да го истакнам Новиот компјутеризиран транзитен систем НКТС фаза 5, кој е во постапка на набавка и кој треба да ги имплементира најновите барања од Европската Комисија, а во согласност со Конвенцијата за транзит. Имплементацијата на овој систем е услов за продолжување на членството во Заедничката транзитна конвенција и истиот треба да биде ставен во функција до декември 2023.
Во исто време, се работи и на нов Систем за регистрација и идентификација на економските оператори – ЕОРИ и на Систем за управување со идентификација за пристап – ИАМ, кои се дел од Повеќегодишниот стратешки план на Европската Унија за еЦарина и овозможуваат дирекно олеснување на пристапот на економските оператори при реализација на царинските постапки. Во оваа насока е и Новиот национален едношалтерски систем (National Single Window), за кој веќе зборувавме, а во рамките на истиот проект е планирана и изработка на податочен склад (Data Warehouse), кој треба да овозможи интеграција на базите на тековните царински системи, подситеми и модули, и да овозможи многу поефикасна размена на податоци во реално време со другите инспекциски служби и органи надлежни за контроли, кои имаат за цел детектирање на операторите кои имаат намера целосно или делумно да ги избегнат царинските давачки или даноците.
Други новини, кои се дел од дигиталната трансформација на царинското работење се воспоставување на нов Автоматизиран систем за управување со царинските терминали, нов Систем за видеонадзор и Автоматско препознавање на регистраските таблички.
Сите овие нови системи и унапредувања на услугите, сметам дека дополнително ќе имаат влијание на понатамошно забрзување и олеснување на трговијата и протокот на стоките преку границите, како и обезбедување на поголема конкурентност на македонските компании.
Се радувам што напорите кои ги вложува Царинската управа се препознаени од претставниците на деловната заедница, за што добиваме и признанија за успешна и долгогодишна соработка.