Словенечката металуршка групација SIJ ќе гради фабрика во Саудиска Арабија вредна 1,5 милијарди евра за производство на електричен челик и висококвалитетни топловалани калеми, објави Словенија бизнис.
Компанијата потпиша соодветен договор со саудиската влада, а фабриката треба да се гради во индустрискиот град Рас ал-Каир. Се планира фабриката да биде пуштена во употреба до 2029 година.
Проектот во голема мера ќе биде финансиран од саудиските власти, бидејќи е од стратешко значење за економијата на кралството. SIJ ќе обезбеди високотехнолошки решенија и знаење. Во исто време, Министерството за финансии на Словенија соопшти дека ова е најголемата поединечна странска инвестиција досега направена од словенечка компанија.
Се очекува SIJ во иднина да го следат и други компании кои се дел од иницијативата за зелена мобилност на словенечката автомобилска индустрија (Mission GREMO).
SIJ е еден од водечките производители на нерѓосувачки челик и специјални челици во Европа и најголемата вертикално интегрирана групација за челик во Словенија.